Search

Без стандарди и почитување на прописите не може да се биде дел од европскиот пазар

Мора да ги почитувате законските прописи и стандардите за да бидете дел од европскиот пазар. Притоа, не е доволно да имате само квалитетно производство. Сè што произведувате треба да биде класифицирано, фино спакувано и означено. Потрошувачите сакаат да знаат што јадат, а институциите да бидат уверени во исправноста и безбеденоста на она што го нудите, вели во интервју за МИА Виера Баричичова од Министерството за земјоделство на Словачка.

Баричичова, која беше поканета како експерт на Првата сесија на Работната група за земјоделство од Националната конвенција за ЕУ во земјава, укажува и на потребата од здружување на производителите.

Земјава се подготвува за почеток на преговорите со ЕУ. На што треба да ставиме фокус за да биде успешен процесот во сегментот земјоделство?

Најважни се законските услови и како се справувате со нив. Тоа е најбитно. Но, треба да ги покажете и вашите предности, да покажете дека сте подготвени, дека имате институциоанална рамка, организации кои се справуваат со контролата на квалитет, со безбедноста на храната.

Секој што пробал македонско овошје или зеленчук, сакал да го повтори искуството. Чести се коментарите дека нашиот домат е превкусен, дека пиперот, кромидот, празот мирисаат „вистински”. Сепак, се чини, тоа не е доволно. Што ни недостасува за успешен пласман надвор, кој би бил потребниот „квалитет” или стандард што можеби сè уште не го исполнуваме?

Производителите кои извезуваат треба да ги класифицираат своите производи, но и да ги означат. Информација за производот мора да има и таа треба да биде јасна. Производите, би нагласила уште еднаш, мора да бидат класифицирани.

Исто толку важно е производителите да знаат и дека критериумите се високи и строги. Ако еднаш ги прекршите правилата (регулативите), ќе ја изгубат довербата во вас, не само потрошувачите, туку и надлежните институции. Ако надлежните видат дека пласирате нешто и притоа отстапувате од пропишаното, ќе мора да се потрудите многу.

Континуираното производство не е работа на фармерот како поединец. Тоа е работа на групи, здруженија. Само здружени производителите се способни да испорачаат континуирано производство за маркетите и за извоз, а продукцијата би можела да биде брилијантна. Искуствата покажуваат дека иако некои земји имаат одлично производство, едноставно не можат да го продадат зашто не е класифицирано. Пакуваат мали јаболка со големи и во ваков случај воопшто не може да се зборува за стандард за квалитет.

Ист е случајот и кога нема етикетирање, означување на производите. Косово, на пример, има исклучително добар зеленчук, но ако тоа не е назначено, не е обележано, не е верификувано со ознака, тогаш кој ќе верува дека е така? Потрошувачите сакаат повеќе информации, а како можете да им ги датете? Само со означување на производите.

Што е со здружувањето на производителите? Зошто овој процес се одвива тешко, бавно?

Задругарството денес подразбира многу поинаков систем од кооперативите некогаш. И ние во Словачка го имавме истиот проблем. Производителите се плашеа да се здружуваат во задруги, затоа и процесот траеше со години.

Дали субвенциите се добра мерка за поттикнување, стимулирање на производството?

Тешко е тоа да се каже зашто секогаш ќе постои дилема колку тие пари се искористени соодветно, на вистинскиот, правилен начин. Подобро е да се дадат средства за тренинг, за едукација на фармерите како да го подобрат своето производство, а потоа да им дадете и поддршка за да знаете дека ќе биде добро искористена.

Сè почесто се наметнуваат прашањата околу безбедноста на храната. Што всушност значи безбедна храна и колку можеме да бидеме реално убедени во исправноста на она што го јадеме?

За безбедност на храна зборуваме кога храната што ја консумираме е безбедна за здравјето на потрошувачите. Што треба за да го провериме тоа? Ако сум фармер и користам одредени дози пестициди за заштита, мора да знам колку точно сум аплицирал и тоа да го запишам. Мора да водам евиденција, која потоа ќе ја приложам кај соодветен орган.

Најважно е да постои и т.н. финална анализа за производот. Ако аплицирањето, односно дозирањето на активните супстанции е во рамките на пропишаното, тогаш производот е безбеден.

Доволно ли е висока свеста кај производителите сами да запишуваат колкава количина пестидици или други заштитни средства користат при производството?

Не. Но, во секој случај, мора да се придржуваат до дозволеното, да користат толку хемикалии колку што е пропишано. Никако повеќе.

Секоја земја има Агенција за безбедност на храна, а инспекторите се тие што вршат контроли. Во оваа пригода би сакала да напоменам дека токму инспекторите треба повеќе да зборуваат со производителите, да ги едуцираат, да ги информираат. Освен за безбедноста на храната, ова важи и за стандардите за квалитет. Инспекторите всушност треба да прават вид промоција, а тоа значи, да укажуваат што треба производителите да користат и зошто тоа е важно.

Треба да знаете
Последни објави