Search

Бајден или Трамп: Што ќе значи промена во Белата куќа за американската политика за Балканот

После последната дебата пред претседателските избори во САД закажани за 3 Ноември, двете страни прогласија победа. За изборниот штаб на претсдателот Трамп несомнена е победата на актуелниот претседател кој доминирал во сите области, економијата, внатрешната и надворешна политика или Корона пандемијата.

Слават и во таборот на Бајден, велат важно е што демократскиот предизвикувач на Трамп победил во последната дебата, 11 дена пред изборното соочување. Испитувањата на јавното мислење пак цела година покажуваат солидна предност за Џо Бајден.

Многу аналитичари ја споредуваат состојбата со претседателските избори на кои републиканскиот кандидат Доналд Трамп ја победи Хилари Клинтон, кога демократката водеше на сите анкети, освои и повеќе гласови но изгуби поради специфичноста на американскиот изборен систем. Но сега состојбата е сепак малку поинаква. За време на предизборието Трамп и Клинтон имаа и нерешени резултати во анкетите, додека годинава Бајден ниту еднаш не падна испод 10 процентни поени во однос на Трамп.

Трамп и Хилари Клинтон се ракуваат по дебатата на претседателските избори 2016 година/Њујорк, САД/26 септември 2016/ Фото: EPA/JUSTIN LANE

Втора специфика е што после своевидниот дебакл на агенциите кои го испитуваат јавното мислење во 2016 година, истражувачите ја сменија методологијата и ги вклучија гласачите кои недостасуваа во поранешните анкети. Сепак ниту Трамп треба да се отпише предвреме, ниту Бајден треба да се прогласи за победник, американскиот модел во кој претседателот го бира изборниот колеџ, а не простиот број на гласови, е воден од победата во неколку клучни држави кои можат да го решат победникот на изборите.

Ако Трамп загуби неизвесно е дали ќе го признае поразот/Нешвил, Тенеси, САД/ 22 октомври 2020/ Фото: EPA-EFE/SHAWN THEW

Понатаму нејасна е реакцијата на претседателот Трамп доколку ги изгуби изборите, бидејќи самиот одби да каже дали ќе го признае поразот. Републиканецот уште од сега обвинува за манипулација со гласањето од далечина и во случај на пораз предвидува долга битка во уставниот суд, каде во меѓувреме успеа да вметне уште еден “републикански” судија.

Во услови на вжештените релации во американското општество поради расните протести, економската криза предизвикана од пандемијата, се почестите дефилирања на вооружените милиции, дел од Американците оправдано стравуваат дека непризнавањето на резултатите од страна на Трамп може да ја втурне земјата во неизвесно сценарио.

Но да ги почекаме изборите и да видиме што ќе се случи, во меѓувреме очите на светот се свртени кон Вашингтон, бидејќи најголем дел од земјите мислат дека новиот претседател ќе ја одреди и политиката на најмоќната земја кон останатиот дел од планетата.

Прочитајте и…  Гринпис: Загадената вода од Фукушима ако се исфрли во Пацификот може да и наштети на човековата ДНК
Трамп со лидерите на Израел и Судан на прес конференција за постигнатиот израелско-судански мировен договор во Белата куќа/Вашингтон, САД/ 23 октомври 2020/Фото: EPA-EFE/LEIGH VOGEL / POOL

Надворешната политика на Трамп во стилот на водење на бизнис империја

Кога Доналд Трамп победи на изборите во 2016 едно од неговите најголеми ветувања беше дека “ќе го исуши мочуриштето” во Вашингтон мислејќи на раскринкување на “длабоката држава”. Гледано 4 години потоа, јасно е дека ветувањата на Трамп се воделе според испитувањата на јавното мислење и неговата изборна понуда била класична реклама за гладните купувачи чии очекувања биле градени на митови, дезинформации и завери.

Но Трамп не направи ништо да ги демистифицира заблудите, туку продолжи да владее со употреба на истите, употребувајќи ги како опиум за масите. Слична бизнис стратегија Трамп употреби и во надворешната политика, па така во однос на корејското прашање кое е едно од приоритетите на американската политика со децении Трамп настапи со леснотија и убедување дека сигурно со Ким Џонг Ун ќе постигне договор за нуклеарно разоружување на Северна Кореја.

Трамп заедно со лидерите на Израел и Обединети Арапски Емирати објави дека е постигнат мировен договор меѓу двете земји/ Вашингтон, САД, 13 Августt 2020. Фото: EPA-EFE/Doug Mills / POOL

Се разбира дека блеферскиот пристап на Трамп не успеа, како што не успеа ниту да ги повлече американските војници од Авганистан, Ирак или Сирија, што беше едно од неговите ветувања. За воља на вистината американските вооружени сили ги намалија капацитетите во овие земји, но тоа е нормален процес после цела деценија на судири без јасна излезна стартегија, освен ако се разбира стартегијата не е контрола на енергетските патишта.

Една од најсилните лоби групи во САД е еврејското лоби кое очигледно успеа да добие признавање на Ерусалим како главен град на Израел. Тука е уште поочигледна прагматичната политика на Трамп кој успеа за оваа одлука да придобие и некои од државите на арапското полуострово, што се покажа и како интересен неконвенционален начин на водење на меѓународните односи.

Легендарна е онаа сцена од средбата на Вучиќ и Хоти во кабинетот на Трамп, кога српскиот претседател изненадено гледа во потпишаниот договор во кој без негово знаење била вметната точката за признавањето на Ерусалим за главен град на Израел.

Вучиќ и Хоти во Белата куќа со Трамп/ Вашингтон, САД, 04 септември 2020/ Фото: EPA-EFE/ANNA MONEYMAKER / POOL

Во однос на Иран, пак Трамп предизвика сериозна радикализација со повлекување од договорот склучен меѓу САД, Иран и ЕУ, што е една од ретките агресивни политики на претседателот кој вети дека Америка нема да напаѓа други држави. Политика на топло- ладно Трамп има и со Кина која се смета за главен економски ривал на САД на глобално ниво, додека “љубовта” на Трамп и Путин доби епски димензии во американско – руските односи.

Прочитајте и…  Соседна Бугарија има 1.595 новозаразени

Сепак интересен е фактот што изјавите на Трамп често не кореспондираат со официјалната политика на САД, па така иако Трамп и Путин имаат пофални зборови еден за друг, сепак во рамките на сегашното претседателство Белата куќа има распишано најмногу санкции кон официјална Москва.

Балканот го чека победникот

Во една од последните изјави на балканските лидери во однос на американските избори е онаа на Милорад Додик, српскиот член на претседателството на Босна и Херцеговина кој вели дека посакува победа на Трамп бидејќи “Бајден ги мрази Србите”. Српскиот претседател Вучиќ пак често знае да каже дека за разлика од другите претседатели Трамп барем знае да ги ислуша српските аргументи додека другите не го правеле ниту тоа.

Еден од лобистите за косовската независност во САД пак отворено се пофали на Твитер со порака од Џо Бајден кој му кажал дека бил голем подржувач на косоварите и дека го подржал тогашниот претседател Бил Клинтон да почне со напади врз СР Југославија. Веројатно да направиме и анкета на просторите на екс Југославија ќе добиете мислења кои се исти со изјавите на актуелните политичари.

И демократскиот кандидат Џо Бајден има свои поддржувачи на Балканот/Нешвил, Тенеси, САД/ 22 октомври 2020/ Фото: EPA-EFE/SHAWN THEW

Слични беа и изјавите на дел од македонските политичари кои пред изборите во 2016 велеа дека е подобро за Македонија да победи Хилари Клинтон, па потоа веројатно сакаа тие изјави некако да изчезнат. Сепак таквото црно-бело гледање на меѓународните односи и плиткото сфаќање на американската надворешна политика е одлика на политичари кои мислат дека светот функционира според племенски правила, воден од емоции и елементарни пориви.

Често разни аналитичари спомнуваа дека Доналд Трамп на пример ќе го напушти Балканот или дека Републиканците повеќе ќе се свртат кон Блискиот Исток, но во реалноста се случи сосема друга ситуација. Американската војска не само што не се повлече од Косово, туку Трамп назначи и личен представник за решавање на српско – косовското прашање, амбасадорот Ричард Гренел, паралелно со постоечкиот представник на ЕУ Мирослав Лајчак.

Прочитајте и…  ВИДЕО: Не запираат жестоките борби за Карабах
Гренел во Белград на средба со Вучиќ/ Белград, Србија 24 јануари 2020/ Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Американската политика на тој начин покажа невообичаено висок приоритет за прашањето, а истовреме за разлика од заблудите дека Вашингтон има промена на ставот, официјалниот американски став секогаш бил формулиран околу признавање на независноста на Приштина, секако обвиткан во убава политичка обланда зашеќерена со инвестиции и подлабоки односи.

Иако навидум првите луѓе на САД и Русија имаат подобри односи на Балканот администрацијата на Трамп успеа да го прошири НАТО со уште една членка, со Северна Македонија покрај силното противење на Москва. И во случајот со Македонија забележлив е релативно силниот ангажман на американската дипломатија проследен со посети на државни секретари и воени генерали од највисок ранг.

Помпео и Мицотакис Крит
Помпео на гости во вилата на Мицотакис, Крит, Грција 29 септември 2020/ Фото: EPA-EFE/DIMITRIS PAPAMITSOS HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

После последната посета на Мајк Помпео на Атина, САД пратија порака дека Грција станува “столб на стабилноста” на Медитеранот, а Бугарија во исто време купува американски ловци за речиси 1,5 милијарди долари. Американците најавуват и нови и надградени воени инсталации во Грција и Албанија, додека Додик покрај “Љубовта” кон Трамп останува на американската црна листа.

Она што секој сериозен политичар или аналитичар треба да го направи е да види што прават политичките актери на теренот а не што зборуваат. Јасна е американската определба за отргнување на Западниот Балкан од влијанието на Русија, и таа политика ќе продолжи без разлика дали ќе победи Бајден или Трамп. Навистина е кратковидо или глупаво да се мисли дека Американски претседател се води според предрасуди или нерационални ставови.

Доколку американската политика со некого се судрила во минатото тоа секогаш било поради спротиставеност со американските национални интереси. Историјата покажа дека САД немаат секогаш трајни сојузници или трајни непријатели и нема никаква причина тој принцип да се смени.

Така, Трамп или Бајден, за балканските држави не е многу важно, важна ќе биде усогласеноста на нивната политика со политиката и интересите на САД, и тој принцип и понатаму ќе ги детерминира односите.

Извор:Слободен Печат

Треба да знаете
Последни објави