Search

Бајдевски: Нови вработувања нема да има во новото министерство за политички систем

Бајдевски: Нови вработувања нема да има во новото министерство за политички систем

Министерството за информатичко општество и администрација, денеска организираше јавна расправа на која беше презентиран Годишниот извештај за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022. На јавната расправа се обрати заменик министерот Александар Бајдевски.

„Нашата заедничка цел кога пред повеќе од една година почнавме да ја пишуваме Стратегијата и Акцискиот план, беше конечно граѓаните на Северна Македонија да добијат квалитетни услуги, невремено испорачани, од професионални вработени во јавната администрација, ослободени од сите партиски притисоци. Затоа подготвивме конкретни документи, со јасни активности и мерки, кои потоа лесно можат да се следат дали ги даваат очекуваните резултати“, истакна заменик министерот Бајдевски.

Заменик министерот потенцираше дека во многу делови од Извештајот е констатиран напредок, но дека претстои уште работа, за исполнување на сите поставените цели.

„Во текот на првата година од имплементацијата работевме на поставување на основите за реформските активности. Завршивме повеќе документи и стратегии кои се основа за реформа на јавната администрација, направивме ревизија на постоечките и работевме на подготовка на нови закони за поставување на правната рамка. Поради недостаток од основни податоци, како и поради потребата од попрецизно мапирање на недостатоците и слабостите во областите кои ги опфаќа СРЈА, изработивме и нови анализи и истражувања. Во овој дел, имавме и голема помош и поддршка од граѓанскиот сектор и од меѓународната заедница“, рече заменик министерот.

Според него, Реформата во јавната администрација, е процес што е воден од МИОА, но за успешна реализација потребна е еднаква посветеност од сите вклучени страни.

Нема да има огласи за вработувања во новото министерство за политички систем и односи помеѓу заедниците, кое треба да почне да функционира од први јуни, информираше заменик-министерот за администрација, Александар Бајдевски. Практично оваа министерство ќе го замени Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор и, како што вели тој, вработените од таму ќе преминат во новото министерство.

„Нови вработувања нема да има. Во новото министерство ќе бидат ангажирани кадри од секретаријатот. Прераспределбата на кадрите ќе се врши согласно потребите на министерството и наскоро се очекува да почне екипирањето“, рече Бајдевски.

Заменик министерот Бајдевски ги посочи 4-те приоритетни области кои се основа на Стратегијата за РЈА 2018-2022: Креирање на политики и координација, Јавна служба и управување со човечки ресурси, Одговорност отчетност и транспарентост и Давање на услуги и ИКТ поддршка на администрацијата.

Одговорните лица во МИОА, задолжени за овие приоритетни области, подетално ги претставија досегашните активности, предизвиците, успесите, како и идните планови и  чекори.

Гордана Гапиќ Димитровска, одговорна за првата приоритетна област, ги потенцираше проектите како што се новата нацрт верзија на новиот извештај за Проценка на влијанието на регулативата и новиот интерактивен ЕНЕР којшто треба да биде пуштен во употреба во наскоро, со цел зголемена комуникација помеѓу админситрацијата и граѓаните.

Билјана Николовска Жагар се осврна на втората приоритетна област- Јавна служба и управување со човечки ресурси, односно на мерките и активностите со кои би се подобрила работата на администрацијата. Таа го посочи развивањето стандарди и критериуми за мрежата за човечки ресурси, а се осврна и на предлог Законот за висока раководна служба.

Кристина Димовска исто така ги претстави предизвиците и активностите во однос на третата област -Одговорност, отчетност и транспарентност, при што меѓу другото ја потенцираше Методологијата за спроведување на функционална анализа, потоа напредокот во однос на Пристапот до информации од јавен карактер како и Порталот за Отворени податоци.

4-тата приоритетна област од Стратегијата за РЈА- Давање на услуги и ИКТ поддршка на администрацијата, ја претстави Елена Манчева. Таа го посочи процесот на подготовка на Стратегијата за развој на ИКТ, како и формирањето на Совет за ИКТ. Во изминатиот период во рамки на оваа област, беа отворени првата Сала за јавни услуги каде што граѓаните ќе можат да добијат услуги од 10 институции. Вакви сали ќе се отворат и во останатите градови во државата, а наскоро ќе биде пуште во употреба и порталот за е-услуги.

По презентацијата на Годишниот извештај, учесниците на јавната расправа имаа можност за дискусија и поставување на прашања. Исто така, МИОА на својата веб страница ја постави драфт верзијата на Извештајот, која е отворена за јавноста за коментари и сугестии.

Извештајот е достапен на следниот линк: http://www.mioa.gov.mk/?q=mk/node/2526

Треба да знаете
Последни објави