Search

Батон го предупреди Алонсо да не оди во Рено

Поранешниот возач на Ф1, Џенсон Батон, ја коментираше темата, на која сите дискутираат во моментов – каде ќе оди Себастијан Фетел и дали ќе се врати Фернандо Алонсо.

Фетел го напушта Ферари и беше заменет од Карлос Саинц. Даниел Рикардо пак го напушта Рено и оди во Мекларен, што дополнително ги комплицира работите.

Кој ќе го зафати ова слободно место во Рено – Фетел, Алонсо или некој друг? Веќе се шират гласините дека Фернандо потпишал прелиминарен договор со Рено за следната година, а доколку никој не ги оспори, тие може да се и вистинити.

Според Батон, мали се шансите неговиот поранешен тимски колега навистина да оди таму.

– Мислам дека ако Рено би бил барем близу до челото, и ако Фернандо видел шанса за подиуми и победи во 2021 или 2022 година, тој би „скокнал” веднаш. Но за Рено, процесот ќе биде подолг – најмалку четири години. Тој нема толку време и не може да ги чека. Едноставно не сум сигурен дека тоа е вистинската можност за него. Мислам дека ако можеше да обезбеди место во една од првите три екипи, ќе го стореше тоа веднаш за да покаже колку е брз. Тој има 38 години, но сепак има што да покаже, а повторно да гради тим и да изгуби три или четири години, дефинитивно не е целта што си ја поставил за себе, вели Џенсон.

Што се однесува до Фетел, британскиот возач вели: „Знам дека Себастијан разговарал барем со еден тим, така што повлекувањето од Формула 1 дефинитивно не е на неговиот список на можни потези”.

Треба да знаете
Последни објави