Search

Барние очекува преговорите за Брегзит да траат со недели

Европскиот преговарач за Брегзит, Мишел Барние денеска навести дека може да поминат недели пред потпишувањето на трговскиот договор со Велика Британија, а остануваат уште два дена до крајниот рок кој Лондон го постави за пронаоѓање компромис.

– ЕУ ќе продолжи да работи на фер договор во наредните денови и недели, напиша Барние на Твитер по состанокот на министрите за европски работи во Луксембург.

Британскиот премиер Борис Џонсон го постави 15 октомври, првиот ден на европскиот самит во Брисел, како краен рок за да се донесе одлука дали разговорите ќе продолжат или не. Европејците дадоа рок до крајот на месецот.

Барние рече дека на состанокот со министрите добил „потврда за силното единство на ЕУ” пред самитот во четврток и петок, кој е делумно посветен на тоа прашање.

Тој на средбата ја повтори важноста за одржување на правилата за фер конкуренција со Велика Британија, изнаоѓање на добар компромис во риболовот и склучување цврст договор за управување со самиот договор.

Трите приоритети на ЕУ се исто така главните пречки во разговорите меѓу Лондон и Брисел, кои почнаа во март.

Преговорите продолжија вчера во Брисел на „интензивен” начин, според ЕУ, по една недела преговори во Лондон.

Велика Британија на 31 јануари официјално се повлече од членството во ЕУ, по што следуваше преоден рок до крајот на годината. До тогаш, Лондон и Брисел треба да постигнат договор за идните односи.

Треба да знаете
Последни објави