Search

Баерн со триумф во снежниот Киев

Баерн Минхен продолжува со перфектната игра во Лигата на шампиони, откако во петото коло стигна до петата победа и со малксимални 15 бодови само потврди дека е најдобар тим во Е групата. Баварците славеа на гости во Киев против Динамо со 2:1 во меч кој се одигра во снежни услови.

Минусна беше температурата во Киев, а теренот прекриен со снег, но тоа не му сметаше на Баерн да ја покаже класата. Роберт Левандовски со фантастичен гол со „ножички“ донесе водство на фаворитот од 1:0. Левандовски е сега во низа од девет натпревари со гол во ЛШ, низа која последен пат е видена минатата сезона кога го направи истото. Само тројца фудбалери во светот го направија тоа, Руд ван Нистелрој, Кристијано Роналдо и Левандовски, овој последниот двапати.

До крајот на првиот дел, Баерн ја зголеми предноста со погодокот на Кимих, а Динамо имаше една статива и тоа по катастрофалната грешка на Нојер, кој наместо да ја расчисти опасноста, ја утна топката, која за негова среќа заврши во стативата.

Во второто полувреме, Динамо даде почесен гол и тоа преку Гармаш во 70 минута. За тимот од Киев ова беше и прв погодок сезонава во групната фаза од Лигата на шампиони, но недоволно да се спаси од пораз.

Треба да знаете
Последни објави