Search

Баерн без милост за Барса, Салзбург ја изненади Севиља, Јунајтед пак не ги победи Јанг Бојс

Фудбалерите на Баерн Минхен демонстрираа сила и ја испратија Барселона во Лигата на Европа, откако на „Алијанц Арена“ славеа со 3-0 (2-0). Баварците ја завршија групната фаза со максимален скор од шест победи, а каталонскиот ривал по триумфот на Бенфика доживеа прерана елиминација.

Првпат после 20 години Барселона нема да игра пролетни елиминации во Лигата на шампионите, што е најголем неуспех за петкратниот европски првак, кој лани првпат не успеа да игра четвртфинале во ЛШ, па сега катастрофата е продлабочена.

Откако немаше шанси за одбележување, резултатот го отври Томас Милер со навистина комичен гол. По нафрлување на Левандовски од близина, топката практично го погоди Германецот во глава, но тоа беше доволно да го лобува Тер Штеген и да погоди. Иако Араухо реагираше од гол-линијата, топката веќе беше во голот (1-0). Пред полувремето, вистинско ремек-дело изведе Лирој Сане, откако „распали“ од далечина и со топка која бегаше од голманот удвои на 2-0.

Во продолжението Барса немаше сили да наметне свое темпо со кое барем ќе се обиде да го загрози противникот. Течеше 62. минута кога Мусиала го постигна и последниот трети погодок, откако Дејвис извади речиси загубена топка и ја врати на петерецот (3-0). До крајот на дуелот темпото опадна, Нагелсман и Чави се свртеа кон резервите и направија измени, но резултатот остана непроменет.

Екипата на Бенфика си ја заврши својата работа, дома го победи Динамо Киев со 2-0 (2-0) и се пласираше во осминафиналето на Лигата на шампионите на сметка на Барселона. Португалците уште во првото полувреме поведоа со два гола, а потоа ја одржаа предноста против немотивираниот ривал и дојдоа до посакуваните три бода.

Покрај Барселона, која што доживеа дебакл во Минхен, вечерва уште еден шпански тим не успеа да ја мине групната фаза во Лигата на шампионите. Во најнеатрактивната група, барем така беше окарактеризирана по ждрепката, Севиља им приреди големо разочарување на своите фанови, затоа што во најважниот натпревар во сезоната загуби на гости кај Салцбург и напролет ќе ја гледаме во елиминационата фаза во Лигата на Европа.

Големата победа на австрискиот тим ја обезбеди Окафор, со гол на стартот од вториот дел, а во моментите кога Севиља немаше друга опција, освен да нападне со сите сили, следуваше нов шок и црвен картон за Јордан, по кој сите надежи на шпанскиот тим паднаа во вода. Салцбург иако со играч повеќе играше поповлечено и одлично ги затвораше сите налети на противникот, па затоа момците на Лопетеги речиси и да немаа никаква шанса за успех на овој меч.

Фудбалерите на Лил одиграа квалитетен натпревар во клучни моменти и со победата од 1-3 на гостувањето кај Волфсбург групната фаза од Лигата на шампионите ја завршува на лидерската позиција со 11 бода, еден повеќе од Салцбург. Францускиот шампион по триумфот во претходното коло токму против Салцбург, вечерва не остави ништо на случајност и со три гола во противничката мрежа го грабна посакуваното прво место.

Екипата на Манчестер Јунајтед одново не го победи Јанг Бојс во Лигата на шампионите, но англискиот гигант и со ремито на „Олд Трафорд“ (1-1) остана на лидерската позиција во групата Ф, во која вечерва не се одигра мечот меѓу Аталанта и Виљареал.

Треба да знаете
Последни објави