Search

Бабиќ: Групата е како „минско поле“ нема место за опуштање

Македонскиот ракометен вицепрвак Еурофарм Пелистер вечерва во Битола (20.45 ч.) во рамките од 6. коло во групата Д од Европската лига на ЕХФ ќе го одигра реванш натпреварот против португалскиот Спортинг. Пред една недела во Лисабон, Еурофарм Пелистер пропушти прилика да слави победа, бидејќи цел натпревар имаше предност и го контролираше резултатот, но во последните минути ја загуби концентрацијата и му дозволи на домаќинот да избегне пораз (27:27).

Во пресрет на вечерашната нова пресметка Еурофарм Пелистер е третопласиран во групата зад Ним и Спортинг кои имаат по 7 бода, а битолчани заостануваат еден чекор – 6 бода и имаат можност да напредуваат на табелата доколку го освојат целиот плен. Македонскиот претставник е во серија без пораз четири кола во групата од Европската лига. Избраниците на Жељко Бабиќ имаат два нерешени исходи и две победи, откако беа поразени на стартот од францускиот Ним.

-Знаевме од почетокот дека групата е изедначена и дека во принцип таа е едно големо „минско поле“. Сепак, таков е спортот. Мора на секој натпревар да си максимално сконцентриран и фокусиран, во добра форма, да имаш силен тимски дух. Ова коло може да се испостави како одлучувачко, иако мислам дека сè уште е рано. Како и да заврши ова коло, има уште многу да се игра. Сите се бориме за првите четири места. Колку бодови ќе требаат за тоа, можеби е рано да се зборува. Ќе се играат уште четири кола во новата година и сметам дека тие ќе бидат клучни за пласман во следната фаза на Европската лига, вели Бабиќ, кој очекува неговите избраници да ја повторат добрата игра од Лисабон, да бидат психолошки посили и бодрени од навивачите да ги освојат бодовите.

Голманот на Спортинг, Словенецот Матевж Скок, вели дека добро ја познава атмосферата во Битола и очекува тежок натпревар.

-Сепак, мислам дека сме подобар тим. Мораме да ја играме нашата игра и добро да се подготвиме за да дојдеме до позитивен резултат, вели словенечкиот чувар на мрежата.

Треба да знаете
Последни објави