Search

Ахмети ќе бара од Заев и Мицкоски претседател Албанец кој ќе се избира во собрание

Најмалку една година пред претседателските избори кои треба да се одржат во 2024 година, лидерот на ДУИ Али Ахмети ќе им предложи на владиниот партнер Зоран Заев, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, како и претседателите на партиите на Албанците, шефот на државата да се избира во Собранието, наместо на непосредни избори, брифира за Плусинфо висок функционер на ДУИ.

Ахмети вчера од митинг во Чаир најави уривање на нова блокада, односно следниот претседател на државата да биде Албанец. Тој за ова не откри никакви детали.

Според функционерот, сѐ уште во партијата не се разговарало за можниот кандидат за претседател, но најверојатно тој би бил надпартиски, по урнек на кандидатот за премиер Насер Зибери. Сепак, на шега или не, се шпекулира и тоа дека е можно Ахмети да биде кандидат за шеф на државата и така да ја заврши политичката кариера.

Премиерот Зоран Заев денеска порача дека ќе го чека моментот кога сите граѓани ќе бидат подготвени за претседател Албанец, но на непосредни избори.

-Тој момент ќе сакам да го дочекам, да бидам жив и здрав, јас а и сите ние. Тоа ќе значи афирмација на личност, на граѓанин, пред сè. И без разлика на својата етничка определба тој како граѓанин ќе треба да помине кај граѓаните од кои најмалку 50 отсто од Македонците, 50 отсто од Албанците, 50 отсто од Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите коишто живеат во нашата земја би го гласале за претседател, изјави Заев.

Треба да знаете
Последни објави