Search

Ахмети разочаран од недоаѓањето на албанските лидери на годишнината од Охридскиот договор

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска на годишнината од потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор ги повика лидерите на парламентарните партии на Албанците на средба, но тие не дојдоа во скопскиот хотел Парк. Ахмети искажа разочарување што тие не дошле на овој ден, кога се одбележува годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

– Ги повикав албанските политички партии за да им се заблагодарам за заедничката соработка при донесувањето на Законот за јазици, уставните измени и друго. Сакав да ги слушам и нивните предлози и забелешки. Многу ми е жал што тие не дојдоа на денешната средба. Би сакал нивното недоаѓање да не го користат за политички цели. Во пресрет сме на донесување на големи одлуки, истакна Ахмети на брифинг со новинари.

Во изјавата потоа тој изрази жалење и разочарување што тие не одговорија на денешниот повик за средба на денот на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Ахмети истакна дека би сакал сите да преземат одговорност за „сето тоа што е пред нас и очекува решение од наша страна, од сите нас кои баравме поддршка од граѓаните”.

-Овие заеднички постигнувања кои се постигнувања за сите Албанци и за сите граѓани на Република Северна Македонија, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци… затоа што над се доби нашата заедничка држава, доби мир, стабилност, сигурност, хармонија и доверба помеѓу заедниците дека во оваа земја може да има иднина, дека оваа држава може да се живее и може заеднички да живееме, рече Ахмети.

Според него, денеска е историски ден и затоа на овој ден ја свикал средбата со цел лидерите на партиите на Албанците да разговараат.

Лидерите на Алијансата за Албанците и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши, како и Билал Касами од Беса се изјаснија дека нема да одат на средбата, додека Мендух Тачи од ДПА не се изјасни.

Треба да знаете
Последни објави