Search

АХВ промовираше брошури за правилна исхрана

Да водам сметка за тоа како се хранам, значи да се грижам на сопственото здравје, за самиот себе. За жал, не го правиме тоа, иако информациите се достапни за нас. Во ерата на интернетот, делумни се познавањата на нас младите за храна и исхраната, за тоа како здраво и правилно да се храниме, како на најдобар начин да ги задоволиме дневните потреби од храна. Во ова брзо време на живеење, ваквиот тип на едукација и за нас младите е повеќе од потребна.

Ова се дел од размислувањата на учениците од неколку средни училишта кои присуствуваа на промоцијата на брошурите за правилна исхрана, труењата со храна и за тоа како да ја читаме и користиме нутритивната табела на етикетите на прехранбените производи, која се одржа во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Брошурите ги подготви Организацијата на потрошувачите на Македонија во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, а во нивното креирање вклучени беа еминентни стручњаци од областа на храната и исхраната.

Проектот, како што соопшти денеска Агенцијата за храна и вереринарство, се реализира во рамки на владината Програма за заштита на потрошувачи за 2019 година и со него треба да се официјализира соработката која Агенцијата за храна и ветеринарство сака да ја воспостави со Министерството за образование и Бирото за развој на образованието.

– Овој проект е наменет за најчувствителната популациска група, за учениците средношколци, кои стануваат активни потрошувачи и кои треба да направат правилен избор на храна, но и да поседуваат вистински знаења за правилната исхрана. На ваков начин ќе се заштитат од бројните влијанија на социјалните мрежи каде најчесто се нудат несоодветни диети и храна, што може да остави трајни последици по нивното здравје, рече Ката Стојановска од Одделението за заштита на потрошувачите во АХВ.

Софка Коцева, претставник на Бирото за развој на образованието, истакна дека тие како дел од образовниот систем го подржуваат овој проект и дека ќе овозможат брошурите да бидат достапни до средните училишта, давајќи и насоки за нивно користење.

– Заради значајните прашања кои ги покриваат брошурите од овој проект, Организацијата за заштита на потрошувачите во соработка со АХВ ангажира претставници од научните институции, како автори на брошурите, образложи претседателката на ОПМ, Маријана Лончар.

Брошурите ги презентираше Лидија Този, универзитетски професор од Фармацевтскиот факултет. Бидејќи средношколската популација е една од почувствителните популациони групи, кога се работи за храната и исхраната, во овој едукативен материјал избрани се теми кои се сметаат за мошне значајни и кои обработуваат прашања кои непосредно се однесуваат на здравјето на децата.

– Во брошурата Правилна исхрана, обработени се прашањата за тоа што значи правилната исхрана и како поздраво да се храниме, истовремено осврнувајќи се на одредени диети кои се шират по социјалните мрежи, а средношколците ги користат, а тие може да предизвикаат несакани последици по здравјето на оваа возрасна категорија деца, истакна Този.

За едукативната брошура Труења со храна и како треба да се постапи, таа посочи дека во неа се обработени различните причинители кои преку храната може да предизвикаат труења, симптомите и како треба да се постапи во такви случаи.

– Како да ја читаме и користиме нутритивната табела на етикетите на прехранбените производи е содржина  во која се обработуваат практични примери за тоа како да се прочитаат овој тип на информации, кои даваат податоци за хранливата вредност на прехранбените производи, а кои ќе им дадат знаења на децата какви производи да изберат, а кои да ги одбегнуваат, потенцира таа.

Брошурите се поставени на интернет страниците на АХВ и ОПМ, а наскоро ќе бидат објавени и на страницата на Бирото за развој на образованието.

Како што истакна Стојановска, идејата е средните училишта овие брошури да ги користат во предметната настава или во подготовката на проекти, со што средношколците ќе ги збогатат своите знаења и вештини на живеење во овие за нив, многу значајни области.На презентацијата покрај од АХВ, ОПМ, Бирото за образование, наставници и ученици од неколку средни скопски училишта, присуствуваа и претставници од Министерството за економија.

Треба да знаете
Последни објави