Search

Афористичарот Миле Ѓорѓијоски добитник на наградата на Српското друштво на пистаели за најдобар странски сатиричар

Во Виница денеска се одржа прес конференција по повод наградата „Екселенција Сатира”, која афористичарот Миле Ѓорѓијоски ја доби за најдобар странски сатиричар од Српското друштво на писатели во чест на писателот Радое Домановиќ. Наградата на прес конференција јавно соопштија градоначалникот на Виница, Ивица Димитров, и директорот на виничкиот Дом на култура, Јовица Илиев, кои во име на Советот на фестивалот „Ин Виница Веритас”, му упатија лична благодарност на Ѓорѓијоски за 25 годишниот несебичен придонес во развој на овој фестивал, а преку него и развој на светската сатира воопшто.
-По годинашниот јубилеен 20-ти фестивал „Ин Виница Веритас”, каде ја промовиравме книгата на нашиот соработник Миле Ѓорѓијоски „Трагачи по парадокси”, еве имаме доста добри вибрации од сатиричарите не само од нашата држава, туку и од целиот регион, па така Миле ја доби наградата „Екселенција Сатира” што се доделува во чест на писателот Радое Домановиќ, рече градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.
За Ѓорѓијоски наградата е големо признание за македонската сатира.
-Горд сум на оваа награда бидејки ова не е само лично признание за мојата работа како сатиричар, ова е признание за македонската сатира, најмногу и за Советот на фестивалот „Ин Виница Веритас” и градот Виница со кој веќе 25 години имаме успешна соработка. Се надевам дека оваа наша соработка ќе продолжи и ќе имаме уште многу книги од областа на сатирата, рече Ѓорѓијоски.
Покрај споменатата награда Ѓорѓијоски е добитник на уште неколку награди, меѓу кои „Златна чивија” за афоризам во 2013 и 2018 година, „Хумореска на годината” од белградскиот Јежев хумор, а добитник е и на златна, сребрена и бронзена плакета за еротски афоризми и други признанија.
Треба да знаете
Последни објави