Search

Аферата „Бенала” предизвика тензии меѓу Сенатот и Елисејската палата

Францускиот Сенат денеска побара од Јавното обвинителство да покрене обвиненија против тројца блиски на претседателот на Франција, Емануел Mакрон, поради лажно сведочење во сенатската истрага за аферата „Бенала”.

Како што јави дописникот на МИА, во реакција на ваквата одлука, портпаролот на француската Влада, Бенжамен Гриво оцени дека станува збор за „политички пуч”, нагласувајќи дека барањето на Сенатот нема законска основа.

– Многу е важно да не се подгрева поделбата на земјата со политичка манипулација, што е јасно во овој случај, изјави Гриво.

Сенатот бара Јавното обвинителство да покрене обвиненија против генералниот секретар на Елисејската палата, Алексис Колер, шефот на Кабинетот на Макрон, Патрик Стржада и раководителот на службата за обезбедување на францускиот претседател, генералот Лионел Лаверн.

Барањето има политичка димензија, со оглед на нивната блискост со претседателот Макрон и важност во системот на Елисејската палата.

Правосудните органи ќе треба да утврдат дали тие лажно сведочеле за време на истрагата на Сенатот за аферата „Бенела”. Доколку нивната вина биде потврдена, тие би можеле да добијат пет години затвор и парична казна од 75.000 евра.

Аферата „Бенела” датира од 1 мај 2018 година кога беа објавени снимки на кои се гледа како тогашниот шеф на обезбедување на Макрон, Александар Бенала и членот на Кабинетот на францускиот претседател, Винсент Крас грубо апсат две лица, иако немале никакво овластување за тоа.

По ова тие беа принудени да ја напуштат Елисејската палата, но аферата дополнително ескалираше откако беше обелоденето дека Бенела неосновано користел дипломатски пасоши и поднел барање за издавање на дозвола за носење оружје, како и дека бил вклучен во обезбедувањето на рускиот олигарх Искандер Макхмудов.

Поради ова Сенатот започна истрага во рамки на која беа сослушани Бенела и Крас, како и повеќе службеници на Елисејската палата.

Треба да знаете
Последни објави