Search

Асоцијација на финансиски друштва за зголемување на довербата во индустријата на небанкарски институции

Онлајн кредитите веќе создадоа солидна база на клиенти, но со оглед дека се работи за релативно нова индустрија, се наметна потреба од формирање Асоцијација која ќе работи на промовирање и примена на унифицирани стандарди за квалитет за да се обезбеди повисоко ниво на заштита и јасни правила на соработка со клиентите.

Промовирање сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање, промовирање на можностите што ги даваат небанкарските финансиски технолошки решенија кои ќе бидат од корист на поединците и општеството во целина, создавање услови за заедничка работа на финансиските друштва на воведување стандарди за квалитет на услугите, како и креирање стратегија за развој на индустријата заедно со надзорните органи и законодавецот, се основни цели поради кои овој месец беше формирана Асоцијација на финансиски друштва.

Индустријата на онлајн кредити кои ги нудат финансиските друштва последниве години зема сé поголем замав, поради што и се наметна потребата од формирање на Асоцијација која ќе овозможи поголема транспарентност на финансиската индустрија. На овој начин ќе се обезбеди и поголема доверба на корисниците, но и на надлежните институции и секако и на целокупната јавност во индустријата. На почетокот на годинава, 24 друштва имаа одобрение од Министерството за финансии за вршење на дејноста. Последниве две години има и неколкукратен раст не само на бројот на склучени договори, туку и на средствата кои се пласирани кај граѓаните и компаниите.

„Онлајн кредитите насекаде низ светот веќе создадоа солидна база на клиенти и со едноставната процедура и достапноста се изборија за голем дел од пазарот. И нашата земја не е исклучок од современите текови, така што е во постојан пораст бројот на компаниите кои нудат брзи и лесни решенија за микрокредитирање на физички и правни лица. Сепак, со оглед дека станува збор за релативно нова индустрија, оценивме дека постои потреба од формирање Асоцијација која ќе работи на промовирање и примена на унифицирани стандарди за квалитет на индустријата за да се обезбеди повисоко ниво на заштита и јасни правила на соработка со клиентите“, вели Филип Димитровски, раководител на Асоцијацијата на финансиски друштва.

Членките на Асоцијацијата потпишаа и Кодекс за добра пракса со кој се обезбедуваат дополнителни мерки за заштита на потрошувачите. Со него се утврдени етички и одговорни деловни практики кон кои ќе се придржуваат сегашните членки, како и оние кои ќе пристапат кон Асоцијацијата во иднина. Кодексот се занимава со прашања како што се проценка на солвентност на клиентите, етички маркетинг, брза и практична процедура за ревизија на жалби и наплата на долгот.

Со него се утврдува дека членките ќе гарантираат дека на секој клиент ќе му се обезбедат потребните информации за кредитот, но и информација дека заемите не се препорачливи за решавање на претходно постоечки финансиски тешкотии. Деловните практики кои се утврдени со Кодексот ќе треба да ги почитуваат сите членки, а корисниците дополнително добиваат можност до Асоцијацијата да достават забелешки и поплаки доколку ги имаат за некоја членка.

Доказ дека некое друштво е членка на Асоцијацијата е ознаката „Одговорен кредитор“ која е потврда дека истото работи согласно принципите утврдени со Кодексот за добра пракса. Оваа ознака ќе биде видлива на веб-страниците на секое од друштвата, членка на Асоцијацијата, така што сите оние кои имаат намера да аплицираат за добивање средства, доколку во понудата на некое друштво на веб-страната ја видат ознаката „Одговорен кредитор“ ќе бидат сигурни дека истото се придржува до утврдени етички и одговорни деловни практики.

Треба да знаете
Последни објави