Search

Асанж не ја прифаќа одлуката на Еквадор да ја напушти Амбасадата во Лондон

За основачот на Викиликс, Џулијан Асанж е неприфатлива одлуката на претседателот на Еквадор, Ленин Морено, тој да ја напушти Еквадорската амбасада во Лондон, изјави неговиот адвокат Бари Полак за весникот „Телеграф”.

Претходно, Морено изјави дека властите во Кито постигнале договор со британската Влада, според кој, Асанж нема да биде екстрадиран во земја, каде што има закана да биде осуден на смрт.

– Идејата дека Асанж нема причина да стравува, додека смртната казна е исклучена, очигледно е погрешна. Бидејќи слични обвиненија против него се покренати и во САД, Еквадор треба да му го продолжи азилот, изјави Полак.

Викиликс вчера на Твитер објави обвиненија против Морено дека се обидувал да го „пренасочи вниманието” од една статија во „Њујорк тајмс”, во која се тврди дека сакал „илегално да го продаде Асанж на САД, во замена за олеснување на долгот на Еквадор”.

Основачот на Викиликс од 2012 година се крие во Еквадорската амбасада во Лондон, за да ја избегне екстрадицијата во Шведска, каде беше обвинет за силување.

Шведскиот суд во меѓу време ја прекина истрагата, но Велика Британија соопшти дека ќе го уапси ако ја напушти Амбасадата, бидејќи не ги почитувал условите за негово ослободување со кауција.

Асанж, пак, стравува дека ако ја напушти Амбасадата, може да биде уапсени и екстрадиран во САД каде што се соочува со обвиненија за предавство, поради објавувањето доверливи американски дипломатски и воени документи на Викиликс во 2010 година.

Треба да знаете
Последни објави