Search

Асанж го обвини дипломатскиот персонал на Еквадор во Лондон за шпионирање

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, поднесе кривична пријава во Еквадор обвинувајќи го дипломатскиот персонал во лондонската амбасада дека го шпионирале пред да ги му ги пренесат незаконски добиените податоци на трето лице за изнуда, пренесува РТ.

Владата на Ленин Морено ја нарушила приватноста на Асанж со тајно снимање на неговите дневни активности почнувајќи од март 2018 година, се вели во тужбата поднесена во понеделникот во Еквадор во име на Асанж.

Во документот се наведува дека шпионажата била спроведена со помош на „Промсекјурити“, приватна фирма која управува со електронскиот надзор во Амбасадата на Еквадор во Лондон.

Именувајќи тројца претставници на дипломатската мисија, вклучувајќи го и амбасадорот Хаиме Маршан, како и четворица членови на „Промсекјурити“, во тужбата се тврди дека владата повредила најмалку четири точки од еквадорскиот закон со незаконско следење на активностите на Асанж.

Оние што се вклучени во шпионирањето се обиделе да изнудат 3 милиони евра од „Викиликс“, заканувајќи се дека ќе објавуваат аудио, видео и лични документи на Асанж. Еквадорскиот закон предвидува казни до пет години затвор за секое прекршување споменато во тужбата.

„Прашањето е многу чувствително и комплицирано”, изјави еквадорскиот адвокат Карлос Поведа откако ја поднесе тужбата во Кито, барајќи од судството да го испита случајот. Адвокатот не откри кому биле пренесени личните информации за Асанж, но посочи дека шпанските власти веќе ја испитуваат шемата за изнуда.

Наводите во тужбата се контрадикторни со верзијата на настаните презентирани од страна на претседателот Морено, кој го обвини Асанж дека се обидувал да формира центар за шпионирање во амбасадата пред да му биде суспендиран азилот на 11 април.

„Викиликс“ ги негираше овие тврдења, велејќи дека Морено сакал лична одмазда за неодамнешните обвинувања за корупција против него.

„Еквадорската влада го обвини Асанж за шпионажа на амбасадата, а излегува дека шпионажата се случувала од вработените во амбасадата”, рече Поведа.

Треба да знаете
Последни објави