Search

Арсовски: Спасовски и Заев пет дена молчат за скандалот со прислушуваните обвинители

Петти ден како Јавното Обвинителство се уште нема конкретен одговор на прашањата што ги чека јавноста. Петти ден како Оливер Спасовски и Зоран Заев се однесуваат како ништо да не се случило, а најмалку дека масовно и нелегално се прислушувале обвинителството, обвинителите и нивните соработници, обвини Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Петти ден како Зоран Заев и Оливер Спасовски бегаат од одговорност и не даваат оставки како најодговорни за скандалот со масовното прислушување на обвинители и нивните соработници. Кога Оливер Спасовски и Зоран Заев ќе си дадат оставки како одговорни за скандалот со прислушувањето на јавните обвинители? Самиот јавен обвинител призна дека се прислушувало од 30 септември 2016, периодот кога е Оливер Спасовски министер во МВР. Потврдата на јавниот обвинител е уште еден доказ дека се неопходни оставки од Оливер Спасовски и Зоран Заев“, рече тој.

Цели две години, додаде Арсовски, ги прислушувале обвинителите и треба уште веднаш да одговорат, кој прислушувал, зошто прислушувал, за чии цели прислушувал, кој се ги има разговорите од прислушувањето и дали разговорите биле предмет на уцени за политички цели?

„Зоран Заев и Оливер Спасовски немаат повеќе кредибилитет да бидат на своите позиции. Јавниот обвинител исто така повеќе нема кредибилитет да биде на својата позиција. После ваков скандал, морално е да си дадат колективни оставки и да се тргнат од случајот за да не пречат во истрагите. Ова што се случува во Република Македонија е жалосно. Нема ниту правда, нема ниту правдина. Има само заробено обвинителство и судство кое е под директна контрола и надзор на Зоран Заев и Оливер Спасовски, кои пак ги користат за свои лични политички цели и лични пазари. Затоа, сите оние што се револтирани од оваа влада на СДСМ која само ја зацрнува Република Македонија, заедно со нас во среда, рамо до рамо, во 17 часот тргнуваме од Плоштад ВМРО до пред Владата да го искажеме револтот и да побараме оставка од оваа криминална Влада и конечно после тоа да донесеме суштински промени во Република Македонија“, рече Арсовски.

Треба да знаете
Последни објави