Search

Арсовска: Буџетот за 2020 година нема да го помогне стопанството, за директна поддршка за приватниот сектор три отсто

Буџетот за наредната година е наменет за зголемувањето на платите во образованието, здравството и зголемување на пензиите, но не и како тоа ќе помогне стопанството и граѓаните да добијат подобри услуги, а трпат и капиталните инвестиции, смета претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска.

– Да почнеме најпрво со претпоставката за раст на економијата врз која се базира приходната страна на буџетот, веднаш се доведува во прашање целата негова конструкција. Во состојба на континуирани политички превирања имаше потфрлање на повеќе полиња во изминатата година, особено во делот на реализација на капиталните инвестиции, дополнително треба да се има предвид дека компаниите генерираат се помали добивки, вели Арсовска во пишаната изјава.

Оценува дека е нејасно врз кои параметри е базиран проектираниот раст од 3,8 отстоидната година со оглед на тоа што влегуваме во изборна година во првите шест месеци од годината до конституирање на нова влада се ќе биде во застој поради неизвесноста, доколку се одржат изборите во април 2020 година.

За начинот на кој се планира да се трошат буџетските средства оценува дека  можело да има поголема транспарентност со што ресорното министерство, преку широка стручна дебата ќе добиеше и инпут од засегнатите страни за тоа како да се подобри структурата на јавните трошења, но и за тоа колку приходната страна е реална.

-Од оние информации кои циркулираат во јавноста, заклучокот е дека буџетот е наменет за зголемувањето на платите во образованието, здравството и зголемување на пензиите, но не и како тоа ќе помогне стопанството и граѓаните да добијат подобри услуги, бидејќи системските проблеми нема да се решат на овој начин ниту ќе порасне продуктивноста на компаниите што го полнат буџетот за да можат да издржат повисоки плати и трошоци, вели Арсовска.

Од друга страна, потенцира дека трпат капиталните инвестиции, поле на кое, како што вели, се потфрли изминатата година, имајќи предвид дека имаме стратешка заложба за инфраструктурно поврзување на Македонија за побрз проток кое треба да остане во приоритетите, но и дека на овој начин се стимулира работата на над 20 стопански гранки.

Според Арсовска финансирање на трошења кои нема да стимулираат раст на продуктивноста и подобрување на условите за работа на субјектите во приватниот сектор, кој е двигател на економијата, е тешка одлука за која креаторите на буџетот ќе имаат одговорност не само пред вработените во јавната администрација и пензионерите, туку и пред приватниот сектот кој вработува 80 отсто од вкупниот број граѓани во државата.

-Од буџетот тежок 3,9 милијарди евра за 2020 година, 109 милиони евра или околу  три отсто се наменети за директна поддршка на приватниот сектор, истакнува Арсовска.

Треба да знаете
Последни објави