Search

Арлем Десир/ОБСЕ: Медиумите се во опасност, план за силна економска поддршка е итно потребен

Претставникот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за слобода на медиумите, Арлем Десир, истакна денеска во Виена дека медиумите се во опасност на премногу места во регионот на ОБСЕ, со пандемија што ги интензивира постојните трендови и носи нови проблеми, вклучувајќи ја и тешката економска состојба со кои се соочуваат многу медиуми.

– Фактот што толку многу новинари се соочуваат со кривично гонење, осуди и притвор за известување за прашања од јавен интерес останува еден од најголемите предизвици за регионот на ОБСЕ. Јас интервенирав неколкупати во изминатите седум месеци заради приведување или гонење новинари, нагласува Десир во извештај што му го претстави на Постојаниот совет на ОБСЕ денеска во Виена.

Како што објави на Твитер, Десир истакна дека „државите мора да обезбедат подобра заштита на медиумите, да се борат против неказнување за злосторства против новинарите, да ја почитуваат независноста на медиумите и да го поддржат плурализмот, а не да го задушат”.

Десир исто така истакна дека медиумите во членките на ОБСЕ претрпуваат големи економски загуби.

„План за силна економска поддршка е итно потребен за да се спаси овој сектор, што е од витално значење за животот на нашите општества”, истакнувајќи дека „медиумскиот плурализам е загрозен со ограничување на изворите на информации за јавноста”.

Треба да знаете
Последни објави