Search

Апостолоски: Спортот во општина Ѓорче Петров во изминатите две години доживува невидена стагнација

Спортот во општина Ѓорче Петров во изминатите две години доживува невидена стагнација. Не се вложува и нема поддршка на младите спортисти во Ѓорче Петров,  нема никакво одржување  во спортската инфраструктура, а пак  изградба на нова не станува ниту збор за тоа, изјави Данијел Апостолоски, советник во Советот на Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ.

Сакаме ние како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во општина Ѓорче Петров да потенцираме дека во повеќе наврати од наша страна дадовме предлози да се зголемуваат сумите кои беа предлагани од градоначалникот и советничката група на СДСМ за поддршка на спортските клубови во општина Ѓорче Петров.

Во повеќе наврати наидовме на негативен одговор.

Исто така предложивме да се скратат односно да се пренаменат средставата кои беа предвидени за репрезентација на општина Ѓорче Петров и истите да се пренаменат во областа на спортот на коишто исто така добивме негативен одговор.

На денешната седница на Советот на општина Ѓорче Петров, мнозинството предводено од СДСМ едногласно го одби предлогот на советничката група на ВМРО–ДПМНЕ за зголемување на средствата и финансиска помош за спортските клубови на сметка на непродуктивните трошоци како репрезентацијата на Градоначалникот и привремените вработувања.

Има пари за кафеани и патувања, има 12 милиони денари за привремени вработувања, а нема ниту еден денар плус за оние кои се најголеми амбасадари на нашата општината и на Република Македонија.

Со овој чин се докажа дека Наумоски и неговите партиски другари ги имаат на ум спортистите само кога им се потребни гласови само  во предизборните кампањи, во општината не постои организиран систем за спорт и спортитстите се оставени да делуваат во неорганизирано и стихијно секојдневие.

Спортот е во невидена стагнација и нема ништо од дадените ветувања. Во овие две години Наумоски и СДСМ немаат изградено ниту една спортска сала, ниту едно повеќенаменско игралиште, ниту еден фудбалски терен, немаат предвидено средства за ниту една стипендија или континуирана поддршка на спортистите.

Нема ништо ниту од реконструкцијата на салата „Партизан“ која Наумоски толку помпезно ја најавуваше, нема ништо ниту од новата спортска сала во подрачното училиште „Димитар Беровски“ во Хром и во училиштето „ Јоаким Крчоски“ во Волково, само на хартија останаа и ветувањата за формирање на совет за спорт и велосипедските патеки, а отворениот и затворениот базен остана само во фантазиите на Наумоски.

Стипендиите и поддршката за младите спортисти скоро и да не постојат.

Нема  ништо од она што беше ветено, и за што граѓаните ги гласаа СДСМ  и Наумоски. Наумоски ги излажаа граѓаните на Ѓорче  и потрошија две години од нивните животи на стагнација на општината.

 

Треба да знаете
Последни објави