Search

Анѓушев: Успешните бизнис приказни тргнуваат од базични идеи

Првиот чекор за да бидете успешен бизнисмен е да сакате нешто да направите, а откако тоа ќе го посакате почнува процесот на создавање. Треба само да се охрабрите и да почнете сопствен бизнис, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на информативна сесија за можности за започнување на сопствен бизнис и поддршка на мали и средни претријатија, старт-ап и спин-оф компании во Иновативниот центар на Факултетот за електротехника и информатички технологии во Скопје.

Тој посочи дека Македонија можеби нуди најмногу економски мерки како да им помогне на младите во регионот и додаде дека се нуди можност за добивање 5.000 евра за отворање фирма, а ако се отвора со двајца партнери 10.000 евра, како и 17.000 евра за самовработување доколку лицето е до 29 годишна возраст. Покрај тоа, достапни се средства што се нудат преку Фондот за иновации и технолошки развој и бесплатен простор за работа преку акцелератори во кои може да се добие обука како се води фирма. Парите се добиваат квартално после прикажан резултат.

-Успешните бизнис приказни тргнуваат од базични идеи, а најголемите компании на денешницата потекнуваат од идеја и храборост да се реализира. Амазон, ЕПЛ, Фејсбук се стартапи од пред десетина години, а сега се најголеми компании во светот, рече Анѓушев.

Им порача на студентите да сонуваат големи соништа.

-Не треба да се плашите од ризици. Кој сонува голем сон има шанса да успее, а кој не сонува нема никогаш да успее. Не постои стопанство без ризик, но треба да бидете подготвени да преземете ризик. Идејата и храбороста треба да ве водат. Нема стопанственик што не донел лоша одлука, дури и Стив Џобс двапати банкротирал пред да го реализира совојот сон и да ја создаде најуспешната компанија. Верувајте во успехот и на крај ќе дојде резултатот. Ќе бидете успешни ако носите повеќе добри од лоши одлуки. Ако не успеете во бизнисот секогаш можете да се вработите на некое друго место, рече Анѓушев.

Нагласи дека согласно светската статистика од 10 идеи успеваат само две, но тие ги враќаат средствата за сите останати и носат дополнителен профит. Посочи дека најпознатите светски концерни на денешницата пред 100 до 150 години биле мали семејни фирми и додаде дека Македонија токму сега е на почетокот на создавањето семејни фирми.

Деканот на Машински факултет проф. д-р Дарко Данев потенцира дека уште пред 21 година на факултетот бил воведен предметот претприемништво, а неговиот колега од ФИНКИ проф. д-р Иван Чорбев рече дека на техничкиот кампус одамна се дава акцент на практичните знаења. Уште од формирањето на ФИНКИ во 2011 година, додаде, се организираат дополнителни курсеви за стекнување вештини. -Техничките знаења плус стекнатите вештини значат полесно наоѓање работа по завршувањето на студиите или охрабрување за започнување свој бизнис. Преку наставата охрабруваме иницијативност и претприемчивост, рече Чорбев. Двајцата се согласија дека одливот на млади стручни кадри е најголемиот проблем со кој се соочува земјава во моментов.

Токму формирањето на Иновативниот центар – Инофеит е со цел да се спречи одливот на мозоци од земјава и еден дел од нив да се задржат и да работат во Центарот за иновации и трансфер на технологии. Тие ќе можат да го користат Центарот додека не застанат на свои нозе со сопствениот бизнис.

Треба да знаете
Последни објави