Search

Анѓушев: Искуствата на италијанските компании се добредојдени во изградбата на македонската инфраструктура

Искуствата, технологиите и знаењата на италијанските компании во фазите на проектирање, изведба и надзор на градежните проекти кои се планира да се реализираат во Македонија се добродојдени, порача вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев на отворањето на бизнис форумот кој го организира канцеларијата на Италијанската Агенција за трговија во Скопје.

Како што посочуваат од неговиот кабинет Анѓушев истакнал дека овој бизнис форум, треба да придонесе за продолжување на позитивниот тренд на економската соработка помеѓу Република Македонија и Италијанската Република.

Италија е шести трговски партнер на Македонија, трговската размена помеѓу двете земји во првите девет месеци од 2018 година, во однос на истиот период лани, бележи раст од над 14,2%, со вкупен обем од 448 милиони евра, а голем придонес за зголемување на економската соработка има порастот на извоз на производи од 11,7%“, истакнал вицепремиерот.

На бизнис форумот присуствуваа претставници од 15 италијански компании, со меѓународно искуство во реализација на проекти од патна и железничка инфраструктура, енергетски проекти, како и проекти за заштита на животната средина.

Вицепремиерот ги информирал присутните за Владините тековни и планирани инфраструктурни проекти, при што потенцирал дека заинтересираните италијански компании треба да ги следат јавните повици за реализација на проектите, бидејќи, како што рекол, нивното присуство ќе доведе до дополнителен квалитет и конкурентност во самите постапки.

Амбасадорот на Италија, Карло Ромео, нагласил дека ова е втор бизнис форум кој се организира во Република Македонија само во 2018 година, со што се докажува големиот интерес на италијанските компании за учество во развојни проекти во транспортот, енергетиката и животната средина.

Бизнис форумот е во организација на Италијанската Агенција за трговија (ICE), во соработка со Италијанското здружение на приватни градежни компании (ANCE) и Италијанското здружение за инжинерство и градежништво (OICE).

Треба да знаете
Последни објави