Search

Анѓушев: Владата гради реална економија одржлива на долг рок

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев гостуваше во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, кадешто направи осврт на реализацијата на економските политики на Владата во 2018 година и зборуваше за очекувањата и проекциите на економскиот раст во новата година.

Вицепремиерот посочи дека индустријализацијата е иднината на Македонија. Владата обезбеди реален раст на бруто-домашниот производ, кој е одржлив на долг рок и се очекува дека во однос на економијата, 2019 ќе биде успешна година.

„Оптимизмот го црпам од бројките. Ако пораснат градежништвото, земјоделието, индустријата и трговијата, кои се главните гранки во економијата, може да очекуваме поинтензивен економски раст. Градежништвото ќе порасне преку откочувањето на капиталните инфраструктурни проекти. Во однос на индустријата, се градат 16 нови фабрики, кои се директни странски инвестиции, а други се во најава. За споредба, во сите изминати години на претходната власт се направени вкупно 23  странски директни инвестиции, а сега имаме 16 само во една година. Со новите мерки во земјоделието очекувам и тоа малку да порасне, а трговијата секако расте добро“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот рече дека Република Македонија, кога станува збор за економијата, не може да се споредува со другите земји во регионот или во Европа. Тој потсети дека на почетокот, поради случувањата во земјата се започна со негативен раст на економијата, во првиот квартал на годинава економијата се стабилизираше, а во останатите два квартали растот на бруто домашниот производ е над 3%, и токму тој раст е базиран на реалната економија, а не врз база на проекти што ги креира Владата и ги реализира со задолжување. Тој посочи дека растот на БДП во првиот квартал беше забавен поради застојот во реализацијата на капиталните проекти. Изградбата на една важна делница од гасоводот беше застаната за да се усогласат барањата од еколошките здруженија, автопатот Кичево-Охрид беше стопиран поради целосно нефункционален проект, дел од останатите инфраструктурни проекти во тој период беа тендерирани, а потоа се одвиваше процесот за избор на оператор.

„Почнува изградбата на втората фаза на железницата кон Република Бугарија во вредност од околу 150 милиони евра, изградбата на гасоводниот систем се интензивираше, се тендерира изградба на далекуводот кон Република Албанија, а во исто време се градат патишта како никогаш до сега. Ве поканувам, прошетајте од Штип кон Струмица ќе видите со каков интензитет се градат експресните патишта Штип-Радовиш и Штип-Кочани, се гради излезот од автопатот кај Куманово, односно експресниот пат кон Крива Паланка, излезот од автопатот од Градско кон Прилеп и нормално продолжува да се гради Кичево – Охрид. Сето тоа требаше да се тендерира, да се изберат оператори, да се направат експропријации. Сега тоа е веќе направено, ставено во колосек“, појасни Анѓушев.

Квотите што ги воведува Европската Унија за увоз на челик и алуминиум се со цел да го заштити своето стопанство од нелојална конкуренција нема да предизвика пад на македонската економија, истакна вицепремиерот, на прашање како ќе влијае воведување на оваа мерка од страна на Европската комисија кон извозниците од металуршката индустрија кои доаѓаат од земји кои не се членки на ЕУ.

Анѓушев дополни дека македонските компании ќе можат да извезуваат челик и по правилото, кое предвидува  на просекот од последните три години да се додадат дополнително пет отсто.

„Не станува збор за намалување на извозот, туку за зголемување од пет проценти, во однос на просекот од претходните три години. Можеби некои од компаниите планирале и повисок раст на производството и извозот, тој ќе може да го остварат, но на пазари кои не се во Европската Унија. Значи компаниите ќе можат да извезуваат исто колку што извезувале во ЕУ, плус 5%, без да платат царина од 25%“, подвлече Анѓушев.

Вицепремиерот додаде дека не може да се очекува спектакуларен раст во металуршката индустрија, но и дека не очекува пад во однос на последните пет години. Посочи дека со воведувањето на квотите најпогоден ќе биде „Макстил“, потенцирајќи дека и изминатите години за компанијата биле „лоши години“ и поради тоа ќе мора да извезува толкава количина. Вицепремиерот појасни дека во јануари 2019 година, ќе има дополнителни консултации со Европската комисија, но дека не треба да се дава лажна надеж дека одлуката на Европската комисија би се применила поинаку за Република Македонија во однос на другите земји кои не се членки на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави