Search

Антоновски за БГНЕС: Да инвестираме во зближување меѓу Бугарија и Северна Македонија

Треба да се инвестира во зближувањето меѓу Бугарија и Северна Македонија, бидејќи тоа е посоодветна политика од сегашната стагнација во билатералните односи, вели директорот на МИА Драган Антоновски во интервју за бугарската агенција БГНЕС.

– Односите меѓу двете земји мора да се градат. Во моментов сме во фаза на разградување или стагнација. Посоодветно е да се инвестира во она што не зближува, отколку во она што не раздвојува, вели Антоновски.

Според него, сите прашања што постојат во односите меѓу двете земји може да се решат, но прашање е дали тоа ќе се случи во ова време.

– Едно е политиката, а друго се граѓаните, друго се луѓето, друго се чувствата. Тука има многу елементи, но сегашната состојба го спречува градењето добри односи, додава Антоновски.

Осврнувајќи се на локалните избори во земјава, Антоновски оценува дека ниската излезност на гласачите треба да претставува сериозен сигнал за сите партии, а како нов феномен на овие избори, што може да се толкува и како изненадување, го посочува, подемот на независните кандидати кои се „опозиција и на актуелната и на претходната власт”.

– Во македонскиот контекст полесно е да се биде во опозиција, отколку на власт. Кај нас правило е да се гласа „против”, а не „за”. Мислам дека и опозицијата беше изненадена од бројот на гласовите. На претходните избори успехот на СДСМ беше резултат на цунамито против Никола Груевски и претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Но, тоа не значеше поддршка за партијата што дојде на власт. Во моментов нема такво цунами против Владата на Зоран Заев, вели Антоновски.

Околу можност за предвремени парламентарни избори во земјава, Антоновски вели дека засега е рано да се зборува за таква опција и треба да се почека да се види како ќе заврши вториот круг од локалните избори.

На оценката дека „македонската политичка сцена е генерално левичарска, без автентична десница”, Антоновски вели дека во земјава нема ниту класична десница, ниту класична левица.

– Да, политичките партии се декларираат како десни, леви или во центарот, но не сум убеден дека тие сериозно ги застапуваат соодветните вредности, додава Антоновски во интервјуто за БГНЕС.

Треба да знаете
Последни објави