Search

Антикорупциска: Нема судир на интереси кај Анѓушев и Мицкоски за хидроцентралите

Државната комисија за спречување на корупција ја прекина постапката против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и за вицепремиерот Кочо Анѓушев, а се однесуваа на добивањето концесии за изградба на хидроцентрали. Комисијата едногласно ја донесе одлуката дека нема одговорност односно судир на интереси.

ДКСК ја прекина постапката против Мицкоски, која беше отворена по допрен глас. Постапката се одолговлекуваше седум месеци, Мицкоски бил и на интервју кај антикорупционерите кои проверуваа дали тој како советник на Никола Груевски и дел од управниот одбор на ЕЛЕМ имал акти да влијае на донесувањето на одлуки.

Антикорупциска утврди дека нема одговорност кај лидерот на опозицијата, затоа што во 2014 година кога била донесена одлука за распишување на тендерот за мали хидроцентрали кај Пехчево и Берово, Мицкоски не бил ниту советник ниту во одборот во ЕЛЕМ.Советник на Груевски тој станал дури во април 2015, додека во одборот влегол август истата година, а тогаш одлуките за тендерот веќе биле донесени.

ДКСК разгледа две пријави за судир на интереси против вицепремиерот Кочо Анѓушев при избор на концесионери за мали хидроцентрали, поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и НВО Фронт 21/42.

Од ДКСК информираа дека не се утврдени наводите од пријавите и дека Анѓушев не се нашол во судир на интереси и се изземал од седниците на Влада при одлучувањето.

– Не се потврдени наводите дека при продолжување на рокот за договорот за концесија за користење на водата и пренамена и доделување градежно земјиште за изградба на мали хидроцентрали за локациите на реките Врановска и Тополка на друштвото МХЕ „Тополки“ ДОО Скопје Кочо Анѓушев не се нашол во состојба на судир на интереси, бидејќи пред спроведување на постапките тој го пријавил својот приватен интерес и се изземал од седниците на Владата, на кои се расправало и одлучувало во врска со хидроцентралите, каде тој е сопственик или содружник – образложи Нури Бајрами од ДКСК.

ДКСК едногласно донесе заклучок дека наводите оти Анѓушев не го пријавил приватниот интерес и не се изземал од расправата, не се потврдени со што донесе одлука предметот да се затвори и архивира.

Треба да знаете
Последни објави