Search

Анкета: Речиси 90 отсто од Грците ќе гласаат на предвремените парламентарни избори

Речиси девет од десет Грци е „многу веројатно, доста веројатно или сигурно” дека на 7 јули ќе излезат на гласање на предвремените парламентарни избори, според последното истражување на јавното мислење спроведено од агенцијата Pulse за грчката телевизија Скај.

На прашањето „Независно од тоа за кого ќе гласате на претстојните национални избори, колку е веројатно да излезете на гласање на 7 јули?”, 83 отсто од анкетираните одговориле дека е „многу веројатно или сигурно”, четири проценти дека е „доста веројатно”, а исто толку одговориле дека е „малку веројатно или воопшто” да го остварат правото на глас, јави дописничката на МИА од Атина.

И во последното објавено истражување на јавното мислење нема промена во распоредот на силите. Нова демократија е прва, со предност од девет проценти во однос на СИРИЗА.

Поконкретно:

Нова демократија – 36 отсто

СИРИЗА – 27 отсто

Движење на промена – седум отсто

Комунитичка партија – пет отсто

Златна зора – четири отсто

Грчко решение 3,5 отсто

МЕРА25 – 3,5 отсто

Во истражувањето се анализираат и трите можни сценарија за распоредот на силите во Парламентот во зависност од бројот на партии што обезбедуваат влез. Колку помалку партии ја достигнуваат потребната граница од три проценти, толку посилен е победникот, односно првата партија добива повеќе пратеници. И во трите случаи (пет партиски, шест партиски или седум партиски Парламент) Нова демократија има доволен број пратеници (151 или повеќе) за сама да формира Влада.

Според првото сценарио, место во Парламентот обезбедуваат седум партии меѓу кои и Грчко решение на Кирјакос Велопулос и МЕРА25 на Јанис Варуфакис. Нова демократија добива 155, а СИРИЗА 78 пратенички места. Понатаму следат Движење на промена со 20, Комунистичка партија со 15, Златна зора 12, Грчко решение и МЕРА25 со по 10 пратеници.

Според второто сценарио, во Парламентот влегува само една од двете мали партии, а Нова демократија има 159 пратенички места, СИРИЗА 82.

Третото сценарио, според истражувањето на агенцијата Pulse за грчката телевизија Скај, е без двете мали партии Грчко решение и МЕРА25, односно Парламент со пет партии, а во тој случај Нова демократија добива 164 пратеници, СИРИЗА 85, Движење на промена 22, Комунистичката партија 16, а Златна зора 13 пратенички места.

На прашањето „Кој е најсоодветен за премиер?”, лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис добива 37 отсто, а актуелниот грчки премиер Ципрас 28 проценти.

Истражувањето на агенцијата Pulse за грчката телевизија Скај било спроведено од 24 до 26 јуни, а преку телефонски интервјуа, анкетирани се 1.504 Грци со право на глас.

Треба да знаете
Последни објави