Search

Анкета: Мицкоски најрелигиозен политичар, Апасиев најмалку

Секој втор гласач на изборите во Република Северна Македонија не би гласал за политичар кој е верски различен од себе, но секој трет гласач нема таков проблем. Граѓаните се против користењето на религија и религиозни симболи во политичка кампања. Ова се дел од генералните заклучоци од последното истражување на Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) и интернет порталот religija.mk, финансиски поддржано од Фондацијата “Конрад Аденауер” во рамки на проектот „Република Северна Македонија како мултиконфесионално општество”.

Последното истражување насловено како „Употреба на Религија во Политички Кампањи”, покажало дека 57,5 отсто од испитаниците на избори не би гласале за политичар кој е верски различен од себе, додека пак 33,3 отсто немаат таков проблем. Овој став подеднакво го делат и муслиманите и христијаните.

-Испитаниците во анкетата го оцениле Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ како најрелигиозен политичар со вкупен 56 отсто оценка за „многу религиозен и донекаде религиозен”. Димитар Апасиев, претседателот на Левица е перцепиран како политичар со најмала религиозност со вкупен процент на „многу и донекаде религиозен” од 30,9 проценти. Кога станува збор за овие прашања од истражувањето, интересно е да се потенцира дека религиозноста кај политичарите повеќе ја перцепираат испитаници од спротивната верска определба. Па така поголем е бројот на муслимани кои сметаат дека религиозноста е карактеристика на македонските политичари, исто и поголем број христијани сметаат дека религиозноста е карактеристика на албанските политичари. Процентот на муслимани кои веруваат дека албанските политичари се религиозни е помал, исто како што е помал и процентот на христијани кои веруваат во религиозноста на македонските политичари, се вели во анализата на истражувањето.

Според неа, релативно висок процент на испитаници кои сметаат дека религијата е употребена во кампањата за време на последните избори ја наметнува претпоставката дека политичките партии се уште сметаат дека може да привлечат гласови апелирајќи на религиозните чувства на граѓаните, иако споредено со изборите во 2017 (кога било правено слично истражување) се забележува одредено намалување во перцепцијата на граѓаните околу користење на религија во политичките кампањи.

-Средната оценка за користење на религијата во предизборните кампањи е највисока (2.86) кај политичката партија БЕСА, а најмала (1,95) кај политичката партија Левица. Перцепцијата за сите партии е дека ја поддржуваат религијата, иако за Левица која има средна оцена од 2,62 и донекаде СДСМ со средна оцена од 2,42 може да се заклучи дека се перцепирани како партии кои имаат повеќе неутрален однос кон религијата, покажало истражувањето на јавното мислење.

Анализата на ова истражување покажува и дека, се забележува релативно голема дискрепанца меѓу православните и муслиманските испитаници и тренд кој кај православните значи намалување на перцепцијата на одобрување на праќање политички пораки од страна на верските лидери, додека кај муслиманите овој тренд е обратен и со тоа го зголемува јазот во перцепциите по однос на ова прашање.

-Перцепцијата на повеќето граѓани е дека верските заедници имаат позитивна улога во општеството, што е особено видливо кај муслиманите, иако не е занемарлив бројот и на оние кои мислат дека тие прават повеќе штета отколку корист, при што процентот е релативно висок особено кај православните христијани. Кај православните христијани степенот на позитивна перцепција во однос на придонесот на верските заедници во зближување на луѓето е скоро идентичен со степенот на негативна перцепција, за разлика од муслиманите каде повеќето сметаат дека верските заедници повеќе ги зближуваат отколку што ги раздвојуваат луѓето, се вели во анализата на направеното истражување.

Тоа е спроведено телефонски од 20 до 25 јули 2020 година на репрезентативен примерок од 1.110 испитаници постари од 18 години. Маргиналната грешка е помеѓу +/-2.9 проценти со 95 проценти интервал на веродостојност.

Треба да знаете
Последни објави