Search

Ангеловска-Бежоска: Создавањето подобри услови за остварување на правата на жените носи значајни придобивки за општеството

Жена во доминантно машка професија во која одлично се снаоѓа. По повод Денот на жената упатува честитки до колешките и пријателките. Но, смета дека за некои важни прашања не треба да говориме и да размислуваме само поводно, на одредени датуми, празници, како што е 8 Март. Подарува симболични подароци. Приватно е сопруга и мајка на три деца. Родена во Шведска, но поголемиот дел од образованието го има завршено во земјава каде што постигнува најголеми успеси на професионален план. Ова е Анита Ангеловска-Бежоска, првата жена гувернер на Народната банка, која за „24 инфо“ ја раскажува својата приказна како е да бидеш на чело на централната банка, а во исто време и посветена сопруга и мајка. Вели дека постојано е во „трка“ со времето коешто го одбројува часовникот. Но дава сѐ од себе, колку што е можно, и покрај нејзината професионална ангажираност, нејзините деца Петар, Софија и Надја да не почувствуваат недостиг од вниманието коешто им е потребно.

– Жена во доминантно машка професија. Вие сте прва жена гувернер на Народната банка. Колку колешки имате на оваа функција во Европа и светот?

Во европски и светски рамки, бројот на жените гувернери на централните банки е многу мал. Иако од деведесеттите години на минатиот век наваму, во централнобанкарската заедница има извесни позитивни поместувања на овој план, сепак кога станува збор за гувернерската позиција, и натаму мажите доминираат. Во 2018 година, само 11 од вкупно 173 централни банки се предводени од жена. За одбележување е и податокот дека, во светски рамки, мал е и бројот на жени членови на одборите коишто одлучуваат за монетарната политика. Па, така, во изминативе дваесет години, само 6% од членовите на одборот на Европската централна банка се жени, додека, пак, во случајот на американските Федерални резерви, во последните педесет и пет години, жени се само 11% од сите оние коишто имале ваква одговорна задача и функција.

Веќе има емпириски студии во кои истражувачите се фокусирани на различните социоекономски и социополитички фактори коишто придонесуваат за половата нерамноправност во раководните структури на централните банки во Европа и поопшто во светот. Сигурно, причината за актуелните состојби не е помала стручност и професионалност на економистките во споредба со економистите.

Инаку, ако во некои од компаративните анализи во врска со половата рамноправност во централнобанкарската заедница би биле вклучени и податоци за централните банки од регионот на Југоисточна Европа, уверена сум дека нашата централна банка би била издвоена како добар пример. Кај нас веќе повеќе години наназад, над 60% од стратегиските, оперативните и тактичките раководители во институцијата се жени – процент којшто е речиси неспоредлив со оној кај голем дел од централните банки на други земји.

Во тој контекст, искрено драго ми е што нашата централна банка се вбројува и меѓу оние во кои жена доби доверба да биде на гувернерската позиција. Но ценам дека пред сè е важно што довербата ми беше доверена исклучиво поради мојата професионална биографија, работното искуство и резултатите постигнати во работењето. Големата парламентарна поддршка којашто му беше дадена на предлогот да ми биде доверена оваа важна и одговорна функција, како и поддршката на моите предлози за избор на вицегувернерките Емилија Нацевска и Ана Митреска, според мене претставува уште една значајна потврда на професионализмот којшто е неопходен за успешно управување и функционирање на централната банка.

– Го прославувате ли Денот на жената и што значи тој лично за вас?

Иако при првите одбележувања и воопшто во првата половина на минатиот век, овој ден имал главно политичка конотација, сепак на современ план, особено откако од 1975 година официјално го одбележуваат и Обединетите нации па наваму, со неговата симболика, тој има и поинакви димензии. Денес, овој ден треба да биде и повод за да се потсетиме на историјата на борбата на жените за своите права. Во различни форми, борбата трае(ла) со децении.

Залагањата на жените не запреа ниту во втората половина на XX век и има многу причини поради кои треба да се актуализираат и денес. Зашто и денес има случувања и состојби коишто укажуваат дека прашањата за нееднаквиот и неправеден третман кон жените, во глобални рамки, сѐ уште не се затворени до крај и зашто и денес, сѐ уште е релевантно да се дебатира за појави на маргинализирање на жените или за појави кога некаде жените се спречени да го дадат свој максимален придонес за општеството и економијата. Затоа, во нашава современост, барем во еден дел на Европа, овој ден треба да биде и повод да размислиме како да се случат некои унапредувања и промени коишто ќе одговараат на потребите во времето коешто го живееме. Несомнено, на глобален план, резултатите од борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите се видливи. Сепак, особено во некои општества, во некои сфери има уште многу можности за позитивни поместувања. Впрочем, и Меѓународниот монетарен фонд препорачува да се носат и да се водат политики коишто на жените ќе им овозможат да имаат пристап до сето она што е потребно за исполнет живот, без неоправдани и неправедни ограничувања и барикади. Конкретно, истражувањата на ММФ покажуваат дека ако вработеноста на жените е еднаква со онаа на мажите, економиите би биле поотпорни и економскиот раст би бил поголем. Кај земјите-членки на ММФ во кои според податоците има поизразена родова нееднаквост меѓу вработеното население, според новите проценки, затворањето на родовиот јаз во структурата на вработените може да придонесе за зголемување на БДП во просек за 35%. Ова уште еднаш потврдува дека создавањето подобри услови за остварување на правата на жените носи значајни придобивки за општеството во целина, а не само за жените.  Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина за да размислиме што и каде може да се унапреди и да се промени на овој план. А причините речиси секогаш се поважни од поводот, којшто сепак е потребен за нештото да се случи. Особено кога поводот има и историски значајна димензија.

Инаку, на овој ден, знам да упатам честитка до колешките и до пријателките. Но, да не заборавиме дека за некои важни прашања не треба да говориме и да размислуваме само поводно, на одредени датуми, празници, како што е 8 Март. За тие прашања треба да размислуваме и да говориме многу почесто, зашто само така нештото има и содржина, а не само форма и само така може да се постигнат конкретни резултати.

– Примате подароци, разменувате со блиските или не?

Да, сакам да ги радувам и да ги изненадувам блиските со симболични подароци и подеднакво ми е драго кога некој од нив ќе ми подари и мене нешто симболично.

Но не мислам дека треба да се чека некој празник за да се подари нешто. Подароците се само еден од многуте начини на искажување внимание и почит, а празниците се повод. За да им искажеме почит и внимание на оние коишто ни се блиски и драги, не треба да чекаме посебен повод одбележан во календарот. Во сите 365 дена од годината треба и може да изнајдеме начин да го сториме тоа. Да, понекогаш, соодветен начин се и симболичните подароци, ама тие треба да се само дополнение на секојдневната добра мисла, убавиот збор и секојдневните постапки кон блиските.

Aко во себе чувствуваме силна, вистинска причина која нѐ мотивира да израдуваме и да изненадиме некого со некаков подарок, поводот ќе го изнајдеме сами на многу датуми, а не само на оние за кои е договорено да бидат денови на празнување и одбележување.

– Како се снаоѓате со колегите? Знаат ли да негодуваат?

Искрено, во ниту еден момент не сум почувствувала негодување од некој од колегите. Основен двигател на тимот на Народната банка е професионализмот, а тој не препознава полова, етничка или верска припадност, туку пред сѐ стручност, посветеност, максимална лична ангажираност, аналитичност, студиозност, ефикасност. Тие се основните постулати не само на одговорното работење за остварување на институционалните цели и задачи, туку и на комуникацијата во Народната банка, којашто настојуваме секогаш да биде на високо, најкоректно, професионално ниво.

Впрочем, како што веќе нагласив, повеќе години наназад, над 60% од стратегиските, оперативните и тактичките раководители во нашата институција се жени. Во ниту еден момент од никој од колегите немало негодување околу тоа. Напротив. Зад нас имаме историјат на проекти координирани од овие раководителки, успешно остварени од тимови во кои беа голем број и колеги, и колешки – проекти коишто се и потврда за високата организациска култура и колегијалното заемно почитување во Народната банка.

Верувам дека и натаму, колегијалното заемно почитување и организациската култура ќе бидат едни од обележјата на нашиот професионален тим подготвен да одговори на предизвиците на централнобанкарското работење.

Која е Анита Ангеловска-Бежоска приватно?

Приватно, пред сѐ сум сопруга и мајка на три деца – шеснаесетгодишниот Петар, дванаесетгодишната Софија и Надја која е најмала и има осум години. За мене лично, ова е многу важен биографски податок, бидејќи и покрај постигнувањата на професионален план, без семејната хармонија, без секојдневјето исполнето со љубов и без остварувањето како родител, мојата среќа не ќе беше целосна. За мене, семејството е клучниот столб во животот.

Инаку, моите родители пред повеќе од педесетина години се иселиле од земјава и заминале во Гетеборг, Шведска. Па така, јас сум родена таму. Во Шведска поминав дел од моето најрано детство – период од којшто во себе носам прекрасни спомени.

Откако го завршив основното образование, водена од раномладешката желба да станам адвокат се запишав на правната насока во скопското средно училиште „Борис Кидрич“, денешното „Васил Антевски-Дрен“. Но, по матурирањето, кога се најдов на животниот крстопат на кој требаше да донесам конечна одлука за мојата професионална определба, сепак се насочив кон економијата. Го избрав патот којшто ме водеше до Економскиот факултет во Скопје на кој ги завршив првиот и вториот циклус академски студии. Потоа продолжив на докторски студии на Економскиот факултет во Љубљана, Словенија. Таму и ја одбранив мојата докторска дисертација на тема „Координација на монетарната и фискалната политика во Република Македонија“.

Согледувајќи од временска дистанца, сигурна сум дека го избрав вистинскиот пат. Досегашното искуство и професионалните предизвици ми потврдија дека токму на полето на економијата можам да го дадам мојот професионален максимум којшто подразбира и целосна преданост на она што се работи. А целосна преданост на работата може да се има само доколку се има и љубов кон професијата и вистинско себепрепознавање во професионалните цели и задачи. Мислам дека дури и ако при отпочнувањето на студиите одлучев поинаку и изберев друг пат, во еден момент ќе ја променев одлуката за да бидам онаму каде што професионално најмногу се пронаоѓам себеси, онаму каде што се чувствувам најсвоја – меѓу економистките и економистите. Ама, ништо не е случајно. Во мојата досегашна кариера, вклучително и од позиција на гувернер, во многу ситуации морав да направам спој на првата и вистинската, животната професионална љубов – правото и економијата.

Навраќајќи се наназад, морам да кажам дека постигнатото на професионален план, во најмала рака, ќе беше многу потешко остварливо ако немав семејство коешто секогаш ми дава поддршка и коешто има разбирање за мојата професионална ангажираност. Не може да се опише она чувство по напорниот работен ден кога ќе дојдеш дома, а таму веднаш те дочекува позитивност, добра мисла, убав збор. Или, пак, она чувство кога совладуваш некој индивидуален професионален предизвик, а во домот имаш некој кој ќе те погледне в очи и ќе ти рече: „Можеш ти, ќе успееш, верувам во тебе“. Несомнено, најважна е вербата во себе и во сопствените професионални капацитети, како и подготвеноста за нивна постојана надградба со нови знаења и согледби, но кога тоа е надополнето од семејната хармонија и поддршката од најблиските, сепак чекорењето по професионалните патишта, чинам е поодлучно.

– Како го поминувате денот надвор од канцеларија?

Исклучителна одговорност е да се биде на чело на централна банка – институција чија цел е одржувањето на ценовната стабилност, како и на стабилноста на банкарскиот систем, а со тоа и на целокупната макроекономска стабилност во земјата. Извршувањето на гувернерската функција бара целосно себевложување како во одржувањето на стабилноста, така и во постојаното унапредување на работните процеси и воопшто на квалитетот на централнобанкарското работење коешто во периодот по глобалната економска криза од 2008 година, во глобални рамки се соочува со повеќе предизвици.

Најчесто работното време не завршува во 17 часот, бидејќи трае сѐ дури не се заврши сето она што мора и може да биде сработено во тековниот ден. Не ретко се случува дел од работните обврски да ги понесам со себе, во лаптопот, и дома и да продолжам со работа, некогаш и доцна во ноќта. Искрено, слободно време, особено во текот на работните денови имам многу малку. Тоа време, иако е кусо го минувам на најдобриот можен начин за мене – со семејството. Секоја минута со најблиските ми дава енергија да продолжам со динамичното темпо коешто е неминовност во работењето на една централна банка.

Во текот на работните денови, доцна попладне, покрај тоа што им се посветувам и на редовните обврски во домот, се трудам задолжително да поразговарам со децата, да дознаам како им минал училишниот ден, какви обврски имаат за преостанатите денови од неделата, дали имаат некој проблем, да ги посоветувам за нешто ако проценам дека е потребно.

Едноставно, иако не секогаш колку што посакувам, настојувам да имаме заеднички моменти коишто и ним и мене ни причинуваат среќа. Понекогаш се „тркам“ со времето коешто го одбројува часовникот, но давам сѐ од себе, колку што е можно, и покрај мојата професионална ангажираност, Петар, Софија и Надја да не почувствуваат недостиг од вниманието коешто им е потребно. Од непроценлива вредност за мене е и секој разговор со нив и за сето она што нив ги интересира, за сето она што ги преокупира нивните генерации, за она на што посветуваат внимание тие и нивните другарчиња. Тогаш целосно му се препуштам на нивниот свет. Често, во текот на таквите разговори, тие знаат да постават и бројни прашања коишто во својата суштина имаат когнитивен карактер. Заеднички успеваме да ги поврзат нивните размисли и сфаќања и самите да дојдат до точните одговори на начинот што е логичен за нив. Морам да признаам дека неретко, и со прашањата, и со одговорите, успеваат најпозитивно да ме изненадат. Слушајќи ги нивните размисли и сфаќања и анализирајќи што сѐ ги интересира и за што сѐ сакаат да разговараат, согледувам колку брзо растат и созреваат, некогаш и многу побрзо отколку што ние родителите можеме да замислиме и да очекуваме. А сепак во себе ја имаат детската невиност, чистина, искреност, онаа која и ние возрасните не треба да ја запоставиме, ако го чуваме детето кое останало длабоко во нас. Драго ми е што успевам да имаме барем неколку такви разговори во текот на седмицата, тогаш кога не сум на службено патување.

Инаку, во текот викендите, особено кога имам помалку професионални обврски донесени дома, настојуваме најголемиот дел од времето да ни мине во семејна дружба. Барем еднаш во месецот одиме некаде во природа, надвор од Скопје. Секако, ја користиме и секоја можност за дружење и со пријателите. Тие моменти ни причинуваат особено задоволство и нѐ прават посебно среќни. Не се потребни големи и гламурозни, сензационални моменти за да се почувствува среќа. Животното искуство ме научи дека треба да се радуваме и на малите работи, да се радуваме на она што е дел од мигот што се случува сега, иако работиме и создаваме за мигот што ќе дојде утре или во подалечната иднина. Всушност, само така и можеме да бидеме вистински среќни.

– Што Ве релаксира и Ве одмара по работниот ден?

Ако треба да издвојам само едно нешто, нема потреба многу да размислувам, не постои дилема. Најмногу ме релаксира дружењето со децата. Тоа дружење не е само родителска обврска, туку и родителско задоволство. Особено ме релаксираат моментите кога помалата ќерка Надја пред заспивање ми чита приказни. Да, кај нас дома, улогите многу брзо се сменија и веќе не важи правилото дека возрасните се оние што читаат, додека децата слушаат, туку е обратно. И драго ми е што е така. Особено затоа што читањето ни е и интерактивно. Но, знам да се релаксирам и дури самата читам добра книга, како и со гледање добар филм. Реално, ваквиот тип на релаксација и одмор повеќе можам да си го допуштам во текот на викендот отколку по работниот ден.

Неретко, кога имам време посетувам и часови по јога. Тие ми се повеќе од корисни по долг и напорен работен ден исполнет со бројни состаноци.

– Брендирана или домашна гардероба?

Во принцип сум штедлива, вклучително и кога станува збор за гардеробата. Па затоа особено задоволство ми е купувањето во сезоните на попусти. Она што за мене е најважно при изборот на гардеробата е таа соодветно да ми прилега и да е изработена од некој природен материјал. Сепак, деловниот код на облекување којшто е соодветен за поголемиот дел од мојот ден, најмногу го одредува она што преовладува во мојот гардеробер.

Искрено, најчесто, гардероба купувам овде, на домашниот пазар. Понекогаш, во текот на патувањата, минувајќи крај некој бутик, знам да здогледам некое парче облека коешто ми се допаѓа и доколку е со цена прифатлива за нашите услови да го купам. Но, тоа се случува сѐ поретко. Во текот на повеќето патувања изминативе месеци, единствениот „шопинг“ ми е оној на аеродромскиот фри-шоп, каде што купувам нешто мало и симболично за да ги израдувам најблиските.

– Имате ли омилено парче гардероба или накит?

Имам неколку парчиња накит коишто ми се особено драги бидејќи се поврзани со одредени значајни семејни настани.

– Има ли гувернерката неостварени желби, приватни и професионални?

Отсекогаш сум посакувала да имам среќно и хармонично семејство без коешто, како што веќе споменав, чинам дека и постигнувањето професионален успех веројатно би било многу потешко. Среќна сум што имам такво семејство коешто континуирано ми дава поддршка.

Својата професионална кариера ја започнав во Министерството за финансии на почетокот на транзицијата кон пазарна економија, во период кога се спроведуваа бројни реформи, вклучително и во сферата на јавните финансии. Директно бев вклучена во спроведувањето реформи во повеќе клучни сегменти како што се воведувањето на трезорскиот систем ‒ воспоставувањето единствена трезорска сметка и централизирано извршување на сите буџетски расходи, развојот на пазарот на државни хартии од вредност, воспоставувањето и спроведувањето меѓународни стандарди во фискалната статистика, воспоставувањето систем на проекција и управувањето со ликвидноста на државниот буџет. Овој период одигра клучна улога во мојот професионален развој, бидејќи ми овозможи да се стекнам со огромно знаење и искуство, директно придонесувајќи во поставувањето на темелите на новиот систем за јавни финансии. Својата кариера во Министерството ја започнав како  приправник и стигнав до позицијата раководител на Трезорот и државен секретар.

Многу значајна фаза во мојот професионален развој претставува и ангажманот во ММФ, како врвна финансиска институција којашто се одликува со исклучително високо ниво на квалитетен кадар. Стекнатото искуство во ММФ е од непроценлива вредност за мене. По враќањето од САД, прво бев главен економист на Народната банка, потоа едно по друго ми беше дадена доверба за два мандата како вицегувернер, но вториот беше прекинат поради моето стапување на гувернерската позиција во мај минатата година.

Оттаму, лично, задоволна сум од она што до сега го постигнав на професионален план. Сега, моите желби во сферата на професионалното се сврзани со институцијата во којашто целосно се вложувам себеси. Од позиција на гувернер, пред сѐ искрено посакувам и се надевам дека во блиската иднина ќе го дочекаме денот кога нашата централна банка ќе се приклучи кон Европскиот систем на централни банки. Катадневно, остварувајќи ги нашите утврдени стратегиски цели и работејќи на остварувањето на планираните проекти, го даваме својот максимален придонес за тој ден да се случи што поскоро.

На приватен план, посакувам со мојот сопруг, како родители, да го дочекаме мигот кога нашите три деца ќе бидат самостојни, среќни, и професионално и приватно, кога ќе бидат свои луѓе кои имаат јасни визии, желби и планови за кои знаат како да ги остварат. Три индивидуи кои имаат избрано свои патишта и свои животни одредници.

Но, за да го дочекаме сето ова, како и за да дочекаме остварување на која и да е желба, еден од предусловите е да сме здрави, и физички, и духовно. Затоа, искрено, пред сѐ посакувам да нѐ служи добро здравје. Верувам дека ако таа желба се исполни ќе се исполнат и сите други.

Валентина Ангеловска

фото: Слободан  Ѓуриќ

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави