Search

Ангеловска:Амандманите да се предлагаат анонимно – битна е содржината, не политичката партија

 Министерката за финансии Нина Ангеловска на комисиската расправа за Буџетот за 2020 предложи промена на процесот на доставување амандмани, односно да се искористи технологијата и истите да се предлагаат анонимно. На тврдењето на дел од пратениците на опозицијата дека амандманите не се прифаќаат бидејќи доаѓаат од опозицијата, министерката одговори дека единствена основа врз која се предлага или одбива амандманот е квалитетот на предлогот, затоа таа предложи во иднина амандманите да се предлагаат анонимно.

-Треба да се гледа содржината на амандманот, а не од која партија е поднесен, затоа амандманите за буџетот треба да се предлагаат анонимно, а решенијата да бидат детално објаснети и поткрепени со анализа и бројки. За да не се политизира моментот дали амандманот бил прифатен или одбиен во зависност од предлагачот, предлагам да има анонимност при поднесување на амандманите, и да не се знае кој амандман од кого е поднесен. A тоа технологијата денес ни го овозможува. Секое добро и издржано решение се прифаќа, без разлика од која политичка партија доаѓа  – рече Ангеловска и посочи дека кај ребалансот на буџетот за 2019, третина од прифатените амандмани биле од опозицијата.

Министерката за финансии го прифати амандманот на пратеничките Маја Морачанин и Љиљана Поповска за обезбедување средства за акредитација на централна лабараторија и нови мерни инструменти за мерни станици за мерење на аерозагадување.

-Овој амандман ќе биде прифатен видоизменет, ќе бидат обезбедени средства во износ од 5 милиони. Сите тука го разбравме значењето на оваа лабораторија, за улогата на таа лабораторија во борбата против аерозагадувањето – рече министерката Ангеловска.

Ангеловска посочи и дека е клучно да се предлагаат издржани решенија со реални суми. Таа истакна дека има повеќе амандмани каде се предлагаат нереално мали суми за проекти кои вредат десеткратно повеќе и сумата не кореспондира со реалните потреби. Ангеловска посочи и дека при предлагање на амандманите треба да има и анализа и разработено решение за да може истото да се дискутира.

Министерката за финансии рече сите поднесени амандмани за Буџетот за 2020 година се во износ од 26 милијарди денари, од кои 350 амандмани се од опозицијата и се во износ од 23,2 милијарди денари.

Треба да знаете
Последни објави