Search

Ангела пак осудена на 19 години затвор за убиството на Пино Секондо

Скопјанката Ангела Ѓоргиевска (22) во повторниот судски процес за убиството на Пино Секондо, денеска е осудена на 19 години затвор, откако скопска Апелација ја укина првостепената осудителна пресуда со која беше осудена исто така на 19 години затвор во јули лани. Таа се гони за помагање на убиството, а осомничениот извршител Али Фуркан е во бегство.

Судот одлучи таа да остане во притвор до правосилноста на пресудата. Судскиот совет информираше дека го одбил барањето на Георгиевска да се одложи судењето поради смртта на татко ѝ во саботата, но поради празникот и неработните денови истото не можело да биде прифатено.

Георгиевска на првото судење изјави дека не е виновна и дека не сторила ништо од тоа што ја товарат, а во предистрагата била два пати на полиграфско тестирање, според кое ја зборувала вистината. Апелациските судии ги уважиле жалбите на одбраната и ставот на Вишото обвинителство за утврдени суштествени повреди на постапката, односно неутврдена фактичката состојба во делот на изведени докази- не е најдена пушката со која е извршено убиството, ниту точно е прецизирано времето, начинот и местото на убиството.

Според обвинението, на 11.12.2018 година, обвинетата го повикала оштетениот, сега починатиот Пинета Секондо Пино, и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило „Опел Аскона“, носејќи со себе огнено оружје – пушка. Тој го оставил неговото возило на насипот и седнал да управува со автомобилот„Шкода“ со кое до насипот дошол оштетениот. На совозачкото место седнала обвинетата, додека оштетениот седнал на задното седиште. Тројцата се упатиле по обиколница кон атарот на селото Арачиново и во една нива започнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент осомничениот со пушката го застрелал во главата оштетениот Пинета Секондо.

Притоа, обвинетата дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост. Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката, покривајќи го со ќебе.
Надлежниот јавен обвинител до Судот достави и Посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице.

Ваквиот предлог обвинителот го темели особено на опасноста обвинетата да се даде во бегство, соочена со кривична одговорност за тешко кривично дело, како што тоа го направил соизвршителот кој се уште е недостапен на органите на прогонот. Исто така, постои основан страв дека обвинетата би можела да ја попречува кривичната постапка, да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело.

Треба да знаете
Последни објави