Search

Ангела Меркел: Одлуката на Озил мора да се почитува

Германската канцеларка, Ангела Меркел, се огласи после одлуката на Месут Озил да се повлече од репрезентацијата на Германија.

 

Одлуката на Месут Озил да се повлече од фудбалската репрезентација, предизвика измешани чувства, но и бројни реакции.

Германскиот фудбалер одлучи да го напушти националниот тим по завршувањето на Мундијалот во Русија, каде Германците разочараа, а каде токму тој беше на мета на критики, откако се фотографираше со турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган.

Озил, кој е роден во Гелзенкирхен, рече дека таа фотографија нема никаква врска со политика, туку дека сакал да покаже дека го почитува првиот човек од земјата од која потекнува.

„Некогаш го носев дресот на Германија со голема гордост и возбудување, но повеќе не е така. Беше исклучително тешко да се донесе оваа одлука, бидејќи од секогаш давав се за своите соиграчи, тренери и добри луѓе во Германија. Но, кога високи функционери од Фудбалскиот сојуз постапуваат кон мене на начинот на кој го прават сега тоа, кога не ги почитуваат моите турски корени и себично ме користат во политичка пропаганда, тогаш навистина е доста. Расизмот никогаш не смее да биде прифатен“, соопшти Озил.

Тој ја напушти репрезентацијата на Германија, земјата во која е роден, после девет успешни години играње, во текот на кои запиша 92 настапи и 23 погодоци, со 40 асистенции, а ја освои и титулата Светски првак во 2014 година.

И германската канцеларка, Ангела Меркел, даде свое мислење за одлуката на Озил повеќе да не настапува за репрезентацијата.

Меркел истакна дека поголемиот дел, од речиси трите милиони жители на Германија со турски корени, добро се интегрирале во државата, како и тоа дека ја почитува одлуката на Озил за повлекување на од националниот тим.

„Канцеларката многу го цени Месут Озил. Тој е фудбалер кој даде голем придонес за националниот тим и неговата одлука мора да се почитува“, изјави портпаролот на Ангела Меркел.

29-годишниот Озил, првиот настап за сениорската репрезентација на Германија го запиша во 2009 година, откако со младата селекција ја освои титулата првак на Европа.

Треба да знаете
Последни објави