Search

Анализа: Претседателската кампања пристојна, пораките само до определените

За разлика од претходните изборни циклуси, оваа кампања е пристојна со најмалку напади кон политичкиот противник. Македонија не е исклучок од негативната кампања и лажните вести за време на избори, а се очекува тоа да се интензивира како што кампањата ќе се движи кон својот финиш, сметаат политичките аналитичари. За пораките од митинзите сметаат дека тие допираат само до партиските членови, а не до непределените гласачи.

Позитивната, односно негативната, перцепцијата кај гласачкото тело, сметаат дека кандидатите не можат во многу голем дел да ја променат во последната недела од кампањата.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за МИА изјави дека кампањата досега изгледа релативно пристојна и изобилува со повеќе ТВ дебати и соочувања. Тој смета дека реториката на тие телевизиски соочувања е релативно пристојна.

– Меѓутоа, не можете да избегате од фактот дека нашето општество е поделено, и има висока тензија меѓу партиските штабови. Во рамки на тој контекст тие се релативно пристојни, но негативната кампања и како адвертајзинг кампања и како пи-ар кампања е процес што се појавува секаде во светот. Македонија не е исклучок од тоа, и не верувам дека овие избори и било кои наредни би биле условно речено „вакцинирани” од негативната кампања. Напротив таа се зголемува и ќе се зголемува на ад хоминем ниво. Тоа е првата голема варијабла што е новост, и втората се лажните вести, што, исто така, се појавуваат како светски тренд и Македонија не може да избега од тој тренд, вели Арсовски.

Очекува дека тие два феномена ќе се зголемуваат и во текот на оваа кампања и во текот на било која наредна.

Аналитичарот Владимир Божиновски, пак, смета дека во изминатиот период немаше посериозни нарушувања на меѓусебната почит меѓу кандидатите, и оти во овој случај, доколку се спореди со сите претходни изборни циклуси во изминативе 15 години, вели дека тоа беше најмалку изразено.

Божиновски за МИА оценува дека речиси и да немаше негативности, што се насочени кон политичкиот противник.

– Вообичаено последната недела од кампањата негативната пропаганда е најизразена, но со оглед на она што се случуваше досега може да се зголеми фреквенцијата на напади кон политичкиот противник, но не верувам дека тоа може да му се приближи на интензитетот што беше во изминатите изборни циклуси, рече Божиновски.

Очекува дека оваа кампања ќе биде најпристојна или најмалку негативна споредено со сите изборни циклуси.

Во однос на пораките од митинзите на двајцата кандидати, Арсовски смета дека претседателските кандидати тераат некоја своја кампања која е повеќе насочена на нивните ингеренции, па паралелно со нив се одвива и партиска кампања меѓу лидерите и штабовите на двете партии која повече е насочена, условно кажано, како што рече, на парламентарните избори – економијата, правецот по кој се движи државата…

Тој за МИА оценува дека претседателските избори по дефиниција имаат ниска мобилизација, бидејќи претседателот нема големи ингеренции во државата и во општествениот систем.

– Кај претседателските кандидати, наративот се сведува на позицијата по Преспанскиот договор, во кој се диференцираат, во основа, двата големи кампа. Едниот на Стево Пендаровски што го прифаќа со неговата целост, и едниот на Гордана Силјановска која има проблематичен став за Преспанскиот договор, и тоа се главните пораки на митинзите, рече Арсовски.

Според него, митинзите по својата дефиниција имаат капацитет да ги мобилизираат само сопствените членови, многу малку допираат до неопределените, така што тие се повеќе за мобилизација на тврдото партиско јадро.

Аналитичарот Божиновски, пак, смета дека тројцата кандидати се обидуваат да привлечат што поголем број гласачи.

– Најважно за кандидатите е да ги убедат оние кои имаат позитивно мислење за нив да излезат и да го заокружат нивниот број на гласачкото ливче. Тоа е особено важно на овие избори затоа што ова се први претседателски избори што се одржуваат без притоа да има друг изборен циклус. Минатите избори имаше парламентарни заедно со претседателските, претходно имаше локални, и со оглед на проблематичноста што се создава со задолжителниот цензус во вториот круг значајно е да излезат што поголем број граѓани, со што изборите би биле успешни, вели тој.

Смета дека многу е важно колкав број на гласачи ќе има уште во првиот круг, бидејќи тоа е потенцијалот на кој потоа ќе се надеваат оние двајца кандидати кои ќе влезат во вториот круг.

Во однос на тоа како кандидатите ќе ја подобрат негативната перцепција кај гласачкото тело и кај етничките Македонци и кај етничките Албанци, Божиновски вели дека етничките Албанци немаат изградено мислење за Силјановска за тоа дали и како им се допаѓа.

– Огромен дел кај етничките Албанци немаат никаков став по однос на Силјановска, и се разбира дека таа треба во она што останува од предизборната кампања да се потруди да се претстави на некој начин и во таа заедница со цел да се стекне одредено позитивно мислење кое може ќе и донесе и гласови во  првиот циклус, смета Божиновски.

Од друга страна, вели Божиновски, она што е негативна перцепција кај голем дел од етничките Македонци, во однос на Преспанскиот договор, се прелеа и кон кандидатот на СДСМ. Смета дека тоа било очекувано со оглед дека во суштината на неговата кампања беше самиот Преспански договор.

– И тука не верувам дека тој ќе успее барем кај оној дел што го имаат изградено тоа негативно мислење да ги предомислат, затоа што за да се случи тоа тој треба да се откаже од се она за што се залагал во изминатиот период во кампањата, оценува Божиновски.

За аналитичарот Арсовски, негативната перцепцијата за кандидатите и кај македонското и кај албанското гласачко тело, вели дека многу малку може да се промени во последната недела од кампањата.

– Мали се шансите да се подобри драматично позицијата кај така големи целни групи, особено кај Гордана Силјановска, која како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ има проблематичен однос со Албанците, најмногу заради законот за јазиците и за односот кон Преспанскиот договор, кој е таков што де факто ги оттуѓува безмалку сите. А не верувам дека таа во последната недела дена може да го поправи тоа што со месеци или години и било политички став, рече Арсовски за МИА.

Според него, кај Стево Пендаровски тоа е резултат на стриктната поделеност на македонското општество по однос на Преспанскиот договор и оти половина од гласачкото тело го прифаќа во неговата целост, половината би го отфрлила или евентуално би го вратила назад на повторни преговори.

– Тоа се толку големи етаблирани варијабли, што е многу мала шансата во последните недела дена, па дури и во целата кампања која во Македонија трае 20 дена, суштински промени да се случат таму, еден два проценти маргинални промени можат да се случат. Меѓутоа суштински поместувања по тоа нема, кандидатите ја фатиле својата стратешка позиција по тоа така како што ја фатиле, и сега како што би се рекло коцките се фрлени. Сега тие треба да го истераат својот наратив што го фатиле и да видат што ќе се случи на изборите.

Според Арсовски, тоа евентуално би можело да има посериозна можност за влијание помеѓу првиот и вториот круг, но засега, како што рече, до 21 април, не.

Треба да знаете
Последни објави