Search

Анализа: Измени на Изборниот законик и повеќе пари за Антикорупциска и ревизија за следење на изборните кампањи

Поголеми финансиски средства за Државната комисија за спречување корупција и за Државниот завод за ревизија за следење на финансирањето на изборните кампањи на политичките партии и Изборен законик во којшто би се вградиле сите утврдени недостатоци.

Ова се дел од наодите кои произлегуваат од анализата на финансирањето на кампањите на политичките партии на Тим Институтот, во рамки на проектот „Владеење на правото во Западен Балкан: Повторно исцртување на правилата на играта”, поддржан од Европскиот фонд за Балканот (ЕФБ) во рамки на Think and Link 2019. Проектот го спроведува мрежата Политикон во соработка со ЦРТА од Србија и Тим Институт од Северна Македонија.

– Во однос на финансирањето на изборната кампања треба да се посвети доволно внимание пред се на кодифицирање на Изборниот законик во целост за да се вградат сите постоечки недостатоци, за да се добие еден кохерентен правен акт. Клучни институции на кои треба да се внимава се ДИК, ДКСК и Државниот завод за ревизија. Секако поголеми финансиски средства и поголеми истражни средства за ДКСК и за ДЗР би придонеле кон транспаретноста и отчетноста во финансирањето на изборниот процес, особено во поголема теренска активност на ДКСК, изјави Иван Стефановски, автор на анализата за Северна Македонија, која ќе биде објавена на есен.

Стефановски подетално ги разгледува и анализира принципите на одговорноста и транспаретноста на институциите вклучени во надгледувањето на финансирањето на кампањите, со посебен осврт на изборите од 2016, 2017 и 2019 година.

Јована Маровиќ, директорка на мрежата Политикон од Црна Гора изјави дека најдобра потврда за состојбата со корупцијата во земјите од Западен Балкан дала ЕК минатата година, но и оваа година во извештаите за напредокот. Северна Македонија, според неа, има благ напредок, но тој не е доволен да се каже дека состојбата е подобра, но подобра е од останатиот дел од регионот каде има конкретни примери за заробеност.

Како пример посочи на, како што кажа, проблематичниот изборен процес и случајот „Коверта” во Црна гора, кој се однесува на незаконско финансирање на политичката партија на власт.

-Во Црна Гора терминот заробена држава важи повеќе од другите земји, имаме 29 години иста власт каде што партијата и државата апсолутно не можат да се раздвојат. Главен проблем е што институциите не работат според законот односно Агенција за борба против корупцијата и Обвинителството, вели Маровиќ.

Треба да знаете
Последни објави