Search

Американците повикани да не паничат и да избегнуваат патувања во Италија и Јужна Кореја

Раковдството на САД ги повика Американците да не креваат паника по информациите за првиoт смртен случај од коронавирус во земјата и укажа дека властите воведуваат предупредување од четврта, највисока, категорија за патувања во Италија и Јужна Кореја.

На прес конференција во Белата куќа, Доналд Трамп и неговиот потпретседател кој го предводи штабот за борба со коронавирусот, синоќа ги презентираа чекори што треба да се преземат за сузбивање на острото респираторно заболување.

Претседателот соопшти дека првата американска жртва на коронавирусот била „пациентка на возраст од над 55 години со слаби здравствени показатели. „Таа беше прекрасна жена”, изјави Трамп.

Иако, извештаите од Сиетл, сојузна држава Вашингтон, каде починала жртвата, подоцна укажаа дека се работи за маж.

Потпретседателот Пенс, кој е задолжен да раководи со напорите да се спречи вирусот во САД, истакна дека се работи со полн капацитет, и дека администрацијата на Трамп успеала да спречи епидемија во земјата откако уште при крајот на јануари ја затвориле границата за патници од Кина.

Тој укажа дека Стејт департментот излегува со предупредување до Американците да не патуваат во Јужна Кореја и некои области во Италија. Предупредувањето е од четврта категорија, најсериозно во однос на патувања во странство.

-Сите Американци кои моментално се наоѓаат во тие земји и области, на враќање во САД ќе мора да поминат задолжителни тестирања од коронавирус кои ги вршат властите во тие земји, изјави Пенс.

Трамп изјави дека можноста да се појават нови инфекции во Америка е присутна, но дека земјата е подготвена за секаков развој на ситуацијата.

Тој изјави дека во понеделник ќе се сретне со раководителите на индустријата за лекови во САД за да разговара за можноста од разработка на вакцина. Ако е потребно, ќе ја затвориме и границата со Мексико за да спречиме епидемија, рече Трамп.

Моментално, според некои медиуми, во САД се потврдени 62 случаи на коронавирус, и најголем дел од нив се поединци кои се заразиле во странство а потоа биле евакуирани во САД.

Треба да знаете
Последни објави