Search

Американски разузнавачи уште во ноември предупредиле за опасна болест во Вухан

– Американските служби уште во ноември минатата година предупредиле дека во кинескиот град Вухан се шири инфекција, која влијае на животните навики на луѓето и работата на бизнисите и претставува опасност за населението, јави денеска Еј Би Си њуз.

Телевизијата се повикува на четири извори запознати со доверливите материјали во кои се наведуваат стравувања околу она што сега е познато како пандемија на коронавирус. Ова било детално наведено во ноемврискиот извештај на Националниот центар за медицинско разузнавање (НЦМИ).

Извештајот е заснован врз анaлиза на пресретнати компјутерски и други трансфери и сателитски снимки.

– Анализите биле направени врз основа на сознанија на знаци од болест која може да излезе од контрола и да ги загрози воените сили на САД стацонирани во Азија, се вели во извештајот на НЦМИ.

Според еден соговорник, за ова повеќепати биле брифирани во Разузнавачката управа на Пентагон, како и во Здружениот штаб на воените сили на САД. Материјалите биле спроведени по доверливи канали кај повеќе разузнавачки служби кои ги споредиле со нивните наоди од Кина.

Тие потоа биле поминати преку ветинг, преразгледани, утврдени и испратени во Белата куќа на почетокот на јануари во конечен брифинг за ситуацијата со ширењето на инфекцијата во Вухан.

Од средината на јануари и во текот на цел февруари, откако заврши постапката со неговиот импичмент, американскиот претседател Доналд Трамп во своите обраќања ја потценуваше опасноста од вирусот.

Прашан за предупредувањата на разузнавачите во ноември, Марк Еспер, министер за одбрана, во емисија на Еј Би Си, изјави дека „не се сеќава”.

– Но, ве уверувам дека имаме луѓе од врвен истражувачки центар при армијата на САД, кои внимателно ја следат ситуацијата, изјави Еспер.

Треба да знаете
Последни објави