Search

Американските училишта поради епидемијата подготвуваат настава надвор, купуваат и шатори

Многу американски училишни згради лошо се проветруваат што го зголемува ризикот од коронавирус, а учебната година во некои почнува веќе овој месец, пишуваат американските медиуми.

После седум години колку што е расипан уредот за централна вентилација во едно средно училиште во Њујорк, каде предава Лиза Фицџералд Оконор, а новата учебна година се приближува во екот на епидемијата, таа и нејзините колеги се закануваат дека нема да дојдат на работа доколку не се поправи.

Училиштата ширум САД имаат слични проблеми – стара климатизација и греење, вентилација што не работи добро или воопшто не работи затоа што одржувањето и замената биле одложувани поради малите училишни буџети. Затоа во некои окрузи, дури и во постудените делови на САД, планираат наставата да се изведува надвор поради здравјето на учениците и наставниците.

Се проценува дека 41 отсто од училишните области во САД треба да ги модернизираат или заменат системите за греење, вентилација и ладење во најмалку половина од нивните училишта, се вели во сојузен извештај објавен во јуни.

– Нема докази дека болеста Ковид-19 може да се шири преку системите за вентилација од една во друга училница, изјави доктор р Едвард Нардел, професор на Медицинскиот факултет на Харвард кој е специјализиран за пренесување на болести преку воздух.

Опасноста, според него, е неефикасниот систем за вентилација што не ги отстранува лебдечките вируси, туку тие се задржуваат во училниците ако ги исфрли заразено лице со дишење, кивање или кашлање.

– Повеќето училишни згради се проектирани за удобност, а не за борба против зараза. Значи, ако ставите 20 деца во иста просторија, а едно од нив има асимптоматски Ковид и е заразно, постои опасност другите 19 деца да се заразат, рече Нардел.

Иако здравите деца речиси секогаш лесно закрепнуваат од Ковид-19, ако воопшто се разболат, тие можат да ја пренесат болеста на наставниците, родителите и другите луѓе.

Нардел смета дека училиштата треба да размислат да стават ултравиолетова светлина на таваните на училниците, што се користела во 1950-тите и претходно за борба против сипаници, туберкулоза и други заболувања кои се пренесуваат преку воздух, и сè уште се користи во болници и засолништа за бездомници.

Вирусите и бактериите се уништуваат со помош на спектарот на УВ светлината кој е безбеден за луѓето. Производителите велат дека овие уреди би чинеле 3.000 долари (2.500 евра) по училница.

Некои, вклучително и секретарот за образование, Бетси Девос, велат дека решението може да биде да се предава надвор, што е направено за време на епидемиите на туберкулоза и грип во раните 1900-ти, дури и на студено време.

Коронавирусот се шири помалку ефикасно надвор и ќе биде полесно да се организира учениците да седнат на два метра растојание.

Неколку училишта во североисточниот дел на САД купиле големи свадбени шатори и планираат да ги користат за часови на отворено до ноември. Едно средно училиште во Бетел, Вермонт, потрошило 50.000 долари (42.000 евра) на шатори и уште 20.000 (17.000 евра) на мобилни тоалети, дополнително опремени за миење раце.

Додека некои училишта ги опремија шаторите со грејни тела на пропан, директорот на тоа училиште Овен Бредли рече дека неговите ученици можат да ги издржат очекуваните ноемвриски дневни температури од околу нула Целзиусови степени во шаторите без греење. Бредли рече дека придобивка од тоа ќе биде студентите подобро да ја разберат и повеќе да ја ценат природата.

Во училиштата кои оваа есен сепак ќе работат во училници, од учениците ќе се бара или барем „силно ќе се предлага” да носат маски, но надлежните велат дека е потребно и проветрување.

Џенет Робинсон, училишен надзорник во Стратфорд, Конектикат, рече дека некои од 13-те училишта во нејзината област биле изградени пред 80 до 100 години и не можат да се модернизираат за да имаат модерна вентилација.

Проблемот е што училниците се градени за 15 ученици, но во нив обично има по 25, со што е невозможно да се одржи пропишаната санитарно растојание, рече таа.

– Наивно е кога политичар или кој било ќе рече, „Само донесете ги (учениците) и чувајте ги на растојание од два метри едни од други”, рече таа.

Брајан Тот, началник на училишната област Сент Мерис во северна Пенсилванија, рече дека во пет училишта, замената на системот за вентилација би чинела најмалку 600.000 долари (500.000 евра) по училиште.

Затоа, кога учебната година ќе почне на 31 август, од учениците во тие училишта ќе се бара секогаш да носат маски, но законот за Пенсилванија ги ослободува децата од ваквите обврски ако родителите не сакаат.

– Кога беа изградени училишта, никој не очекуваше дека треба да има најмалку два метра празен простор околу секој ученик во училницата. Напротив, учениците во училниците се напикани како сардини и сега имаме последици, рече Тот.

Треба да знаете
Последни објави