Search

Американските медиуми за „Медена земја”: Револуционерен кандидат за Оскар, приказна за одржливоста меѓу природата и човекот

Американските медиуми продолжуваат со позитивни критики и пофалби откривајќи нови и скриени значења во „Медена земја”, македонскиот документарен филм кој вечерва во Лос Анџелес со бори за Оскар, најпрестижната филмска награда.

Филмот доби двојна номинација, за најдобар странски филм и за најдобар документарец.

Порталот „Мадр Џонс” (Mother Jones) денеска за „Медена земја”објави дека е „студија за ликот и медитација за животот на една жена чија егзистенција виси на конец во една сурова околина”. Филмот е алегорија за влијнието на современиот свет врз нашите најранливи екосистеми, пишува порталот.

– Но постои и друга димензија на приказната за Хатиџе, што го подига филмот над нивото на едноставна басна за човечката алчност. Смртта на нејзините две сестри за Хатиџе значи грижа за нејзината болна мајка во осаменост. Нивните разговори, кои се случуваат во темната, налик на пештера внатрешност на нивниот дом, понекогаш се многу смешни – секојднавни препирки на две возрасни жени. Но тие разговори, исто така, содржат проникливи откритија за внатрешните копнежи на Хатиџе, се вели во рецензијата на Mother Jones.

„Њујорк тајмс” пишува дека „Медена земја” веќе влезе во историјата на светската кинематографија како прв филм номиниран во две категории, најдобар странски и најдобар документарен филм.

– Двојната номинација направи од „Медена земја” револуционерен кандидат за Оскар кој зборува за се поголемата и неограничена природа на филмската документаристика и за специфичната големина на „Медена земја, наведува „Њујорк Тајмс”.

Порталот „Дедлајн” (Deadline), пак, открива дека приказната во филмот се врти околу прашањето за одржливоста меѓу природата и човекот.

– Хатиџе живее едноставен живот во селска колиба без електрична енергија и се грижи за својата стара и немоќна мајка. Го продава скапоцениот мед, единствен извор на приход за Хатиџе и опстанокот на нејзините пчелни кошници значи и нејзин опстанок. Таа разбира дека за функционирање на кошниците не смее да го земе целото течно злато само за себе. „Половина за тебе и половина за мене”, пее таа весело собирајќи го сирупот. Додека се одвива дејствието на филмот, овој принцип на одржливост во природата (да земеш колку што треба, за да има за сите) се нарушува кога во соседството на Хатиџе пристига караван од коли и приколки на Сам, големо и разуздано семејство на чергари. Современиот живот се чини е далечен во „Медена земја”, иако понекогаш накратко се појавува. Кога Хатиџе патува пеш за Скопје да го продаде својот мед и да купи такви потребности како лак за бојадисување коса, пишува „Њујорк тајмс”.

Но, настанот со Оскарите ќе биде многу поголем изблик на современието за Атиџе која неделава, заедно со режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, пристигна во Лос Анџелес и е нестрплива.

-Ќе биде многу возбудливо за сите, изјави Котевска за весникот.

Во категоријата најдобар странски филм „Медене земја” вечерва ќе се бори со такви дела како јужнокорејскoто остварување „Паразит” и шпанскиот „Болка и слава”, филм на Педро Алмодовар со Антонио Бандерас.

Треба да знаете
Последни објави