Search

Амбасада на САД и ОБСЕ апелираат за мирен протест во Албанија

Во услови на тензична ситуација која владее во земјата, обединетата албанска опозиција утре во 20 часот ќе го одржи деветтиот „национален протест”, на кој според најавите од организаторот се очекува најголема масовност до сега.

– Деветтиот протест ќе биде многу поголем од претходните осум. Трпението има крај, бидејќи растат провокациите од страна на Владата. Ќе бидеме многу побројни и поодлучни да се отстрани овој вид режим, изјави Енкелјед Алибеај од Демократската партија.

Пред одржувањето на протестот се огласи Амбасада на САД и Канцеларијата на ОБСЕ во Тирана, кои повикуваат ова демократско право да се оствари на мирен и достоинствен начин.

Амбасадата во исто време ги советува своите граѓани да ги одбегнуваат местата каде што ќе се протестира.

Се очекува голем протест да се одржи пред Владата, а демонстрантите можно е да се најдат на различни локации во Тирана. Времетраењето на протестот не е познато. На последните протести имаше насилство. Безбедносните сили користеа водени топови и солзавец за да ја растурат толпата. Повикуваме на голема внимателност, избегнување на подрачјата на собирање и следење на локалните медиуми, се наведува во соопштението на Американската амбасада.

Мисијата на ОБСЕ ги повика организаторите да обезбедат мирен протест и нагласи дека во согласност со својот мандат таа останува подготвена да го поддржи владеењето на правото и демократијата во Албанија.

Треба да знаете
Последни објави