Search

Амбасада на САД во Приштина: Реципроцитетот кон Србија е на штета на Косово

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Косово оцени денеска дека одлуката на Владата на Албин Курти да ја замени со реципроцитет кон Србија таксата од 100 отсто на увозот од таа држава и од Босна и Херцеговина, е штетна за самите граѓани и за економијата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на американското дипломатско претставништво во Приштина, се нагласува дека САД досега јасно дале до знаење оти косовската влада треба целосно и безусловно да ја укине таксата, која претходниот премиер Рамуш Харадинај ја воведе во ноември 2018 година.

– САД беа јасни дека Косово треба да ги укине сите такси и да не создава нови бариери, бидејќи тие политики им наштетуваат на граѓаните на Косово и ја задушуваат косовската економија, се вели во соопштението на Амбасадата.

Во него се нагласува дека Вашингтон и натаму е против спроведувањето реципроцитет од страна на Приштина во односите со Белград, затоа што тоа претставува пречка за обновување на дијалогот меѓу двете страни.

– Тие мерки создаваат повеќе проблеми во време кога САД веруваат дека договорите за отворање на воздушните, железничките и патните линии, постигнати меѓу двете страни, ќе го поттикнат економскиот развој откако ќе се реализираат и ќе ги создадат потребните услови за успешен дијалог, порача американската амбасада.

Според вчерашната одлука на косовската Влада, од синоќа на полноќ се укина таксата на увозот од Србија и истовремено, како што изјави премиерот Курти, започна спроведувањето на мерките на реципроцитет кон Србија.

– Мерките на реципроцитет, односно на меѓусебни односи, се институт на односи меѓу суверени држави, кој е признаен според основните принципи на меѓународното право, изјави Курти, спомнувајќи конретни меѓународни документи и принципи кои тоа го регулираат.

Одлуката е со важност до 15 јуни, кога ќе се согледаат ефектите на нејзината примена. 

Треба да знаете
Последни објави