Search

Аматерски хуманитарен велеслалом во Маврово од 21 до 23 февруари

На падините на Маврово годинава по 18-ти пат ќе се одржи традиционалниот Аматерски хуманитарен велеслалом. Од 21-ви до 23-ти февруари, на хуманитарниот велеслалом ќе учествуваат компании кои, преку котизација, ќе дадат поддршка на Фондацијата Импакт, која преку проектот „PAWSITIVE IMPACT” се грижи за бездомни животни.

Организатор на настанот е ресорт „Маврово”, чиј сопственик Огњан Циговски потенцира дека ова не е новина за компаниите, кои редовно се дел од оваа хуманитарна активност.

– Во изминатите 17 години, компаниите преку учеството на хуманитарниот велеслалом, поддржаа бројни хуманитарни активности. Како организатор обезбедуваме и видливост за секоја компанија – учесник во хуманитарниот настан, односно, учесниците имаат можност на целната рамнина да постават свој банер, реклама или брендирано знаме со лого. Покрај можноста да бидат лесно препознатливи, ќе можат и да навиваат за своите натпреварувачи. Ова не е новина за компаниите со професионални скијачи и скијачи аматери, кои редовно се дел од оваа хуманитарна активност, со која годинава ќе помогнеме на група немоќни, но воедно и најдобри пријатели на човекот”, вели организаторот Циговски.

Според него, оваа донација ќе обезбеди заштита од студот и оброци за бездомните кучиња преку „PAWSITIVE IMPACT”, проект за помош на бездомни животни имплементиран од Фондација Импакт, непрофитна организација АМОС Шелтер и Општина Маврово и Ростуша.

– Собраните пари ќе се искористат за конкретни активности, како што се формирање тим за волонтирање и помош во Маврово, подигнување на свесноста за одговорност кон уличните животни, подготовка на информација и на организација на систем за одделување, селектирање, пакување и доставување храна од хотелите на Ресорт„ Маврово” до стационарот за бездомни кучиња Амос Шелтер и на познати локации во село Маврово, стерилизација на бездомните кучиња во Маврово, вакцинирање и прочистување од паразити, акција за вдомување на бездомните животни од Маврово и Амос Шелтер, создавање тим билдинг програма каде општествено одговорни компании може да помогнат во изградба на живеалишта и засолниште за бездомни животни, како и изградба на топли еко-куќарки на различни локации во Маврово каде привремено ќе можат да се стоплат кутрињата, информира тој.

Според правилата, секој тим мора да е составен од тројца учесници во две категории – машка и женска и тимот може да биде составен само од скијачи, само бордери или мешано, скијачи и бордери. Во машка категорија има поделба на јуниори – ученици на возраст до 40 години и ветерани кои се на возраст над 40 години.

Пријавувањето за учество е преку електронската адреса: events@bistra.com со назнака „ПРИЈАВУВАЊЕ за 18-ти АХВМ”, а повеќе детали за правилата и пријавувањето може да најдете на http://skimavrovo.com/node/24.

Првиот аматерски хуманитарен натпревар во велеслалом се одржа од 7-ми до 9-ти март 2003 година на ски- лифтот „Галички”, во дисциплините паралелен велеслалом и велеслалом. Тогаш учествуваа 35 тимови со повеќе од 100 учесници. Годинава, котизацијата за пријавување на еден тим изнесува 12.000 денари.

Треба да знаете
Последни објави