Search

Алушевски: Вторпат ќе се радуваме во Скопје ако се справиме со играта „7 на 6“

По првата победа во новата сезона од машката ракометна Лига на шампионите против германскиот Фленсбург, Вардар утре (20.45 ч.) ќе има нов предизвик како домаќин против Порто чиј гол го брани македонскиот репрезентативен чувар  Никола Митревски. Ова ќе биде натпревар од 5. коло во кој двете екипи ќе влезат полни со самодоверба по големите победи. Порто го надигра унгарскиот Пик Сегед.

-По победата над Фленсбург атмосферата во екипата е на високо ниво. Не дека претходно не беше, ама нормално, убаво е кога ќе се победи еден таков противник како Фленсбург и навистина мислам дека во последниве неколку дена добро работевме, вели Стевче Алушевски, тренерот на Вардар во пресрет на новиот предизвик, трет од почетокот на сезоната по стартниот пораз од Брест Мешков и двата одложени натпревари поради коронавирусот со ПИК Сегед и Елверум.

Порто е еден од понезгодните противници во групата од ЛШ. Во минатото коло беше предводен од Никола Митревски, кој имаше 15 одбрани. Во нападот се опасни кога играат без голман со играч повеќе во поле.

-Го анализиравме Порто, мислам дека е екипа, која не промени многу од минатата година, која игра еден добар ракомет, пред се со тактиката „7 на 6“. Ги анализиравме и се надевам дека, ако успееме да одговориме на нивната игра „7 на 6“ имаме големи шанси вторпат да се радуваме во Скопје. Нормално дека сме максимално претпазливи, без разлика што на претходниот натпревар победивме. Секој натпревар е приказна за себе. Нема да биде лесно. Во Лигата на шампиони секој натпревар е тежок, додава Алушовски.

Треба да знаете
Последни објави