Search

„Алкалоид” инвестира 11 милиони евра во проширување на производните капацитети

Фармацевтската компанија „Алкалоид” ќе инвестира 11 милиони евра во нови производни одделенија, во кои производството ќе се изведува во согласност со строгите барања за добра производствена практика (ГМП).

Како што соопшти денеска компанијата, новите производни одделенија ќе се простираат на површина од 7.000 квадратни метри и ќе создадат услови за околу 200 нови вработувања.

Од планираните 11 милиони евра, 3,5 милиони ќе бидат наменети за целосно технолошко подготвување на одделението „Пакување на цврсти форми” на површина од 2.000 квадратни метри. За потребите на Одделението, нарачана е техничко-технолошка опрема во вредност од 5,2 милиони евра, вклучувајќи две автоматски линии за пакување.

Вкупно 2,3 милиони евра ќе бидат инвестирани за изградба на два нови ката наменети за производство на цврсти фармацевтски форми и придружен простор за техничко-технолошка опрема со вкупна површина од 5.000 квадратни метри.

Сето ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50 проценти, односно од сегашниот капацитет од речиси две милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од три милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми.

– Согласно стратегијата за развој и долгорочниот план за капитални вложувања, „Алкалоид” иницира нова фаза во инвестициските активности која има за цел зголемување на производните капацитети на компанијата. Планираната инвестиција е во склад со политиката на компанијата за вложување во капитални проекти, а со оглед на тројното зголемување на консолидираните приходи од продажби во изминативе 15 години, ваквиот потфат беше неопходен за овозможување на уште поинтензивни пласмани и континуиран раст, изјави по тој повод генералниот директор и претседател на Управниот одбор на компанијата, Живко Мукаетов.

Комплетирањето на оваа инвестиција, е планирано за првата половина од 2020 година.

Треба да знаете
Последни објави