Search

Албанија забрани емитување на спотови од Цеца

Албанската агенција за аудиовизуелни медиуми (АМА), го предупреди албанскиот јавен радиотелевизиски сервис РТШ поради емитување песни од српската пејачка Светлана Ражњатовиќ – Цеца, инаку сопруга на покојниот Жељко Ражњатовиќ – Аркан, што следува по жалби откако во програма наменета за малцинствата бил емитуван спот од пејачката.

Како што пренесува „Танјуг“, ваквата мерка е изречена поради тоа што пејачката во неколку наврати имала антиалбански изјави против Косово и бидејќи нејзините песни, како што се тврди, ги инспирирале злосторствата во Босна и Херцеговина и на Косово, пишуваат албанските медиуми.

Во соопштението се наведува дека програмата наменета за малцинствата треба да служи за градење на пријателство и солидарност меѓу народите и културите, наместо да промовира луѓе кои конкретно со своите постапки ги покажуваат токму спротивното.

Во соопштението на албанската агенција, Ражнатовиќ е опишана како проблематична пејачка, која со своите постари песни и изјави ги инспирирала злосторства во БиХ и на Косово и ги поддржувала нехуманите дела на својот сопруг Жељко Ражњатовиќ – Аркан, како и на српските воени и паравоени формации кои ги водел тој.

„Се надеваме на вашето внимание и очекуваме во иднина да ги избегнувата ваквите случаи“, велат од АМА обраќајки им се на албанските радиодифузери.

Треба да знаете
Последни објави