Search

Акција на „Цивил”: „Кажете го своето мислење: Кои се вашите очекувања и барања од новата влада?”

ЦИВИЛ ги повикува сите свои членови и поддржувачи, соработници, сите граѓанки и граѓани да ги споделат своите очекувања, предлози и барања за идната Влада на Република Северна Македонија. Оваа најнова акција го носи називот: „Граѓански форум за учество во креирање на владините политики”.

Најдобрите прилози ќе бидат објавени, а авторите на најквалитетните текстуални и видео прилози ќе добијат и паричен надоместок (хонорар), соодветно на проектните и буџетските можности на организацијата.

Каква влада очекувате да формира мандатарот? Што треба да направи владата, каква програма треба да донесе? Што им е најважно на граѓанките и граѓаните? Како да се оствари тоа?

Сите се поканети да учествуваат и да дадат предлози во областа на човековите права и слободи, правосудството, меѓуетничките и меѓуверските односи, изборниот систем, социјалната правда, образованието, здравството, културата, економијата, евроатлантските процеси, меѓународните односи, дијаспората, безбедноста, борбата против корупцијата и хибридните закани, како и други области што се во интерес на граѓанките и граѓаните.

Пожелно е прилозите да бидат фокусирани на една тема. Учесниците во оваа акција за прибирање мислења, предлози и барања, можат да се потпишат и да испратат фотографија со кратка биографска белешка (максимум 10 реда), можат да се снимаат со видео обраќање, но можат да побараат да останат и анонимни. Исто така, тимот за медиумска продукција стои на располагање и за снимање на заинтересираните. Прилозите треба да се испраќаат на civil.macedonia@gmail.com со назнака: „Граѓански форум за учество во креирање на владините политики”.

Прилозите треба да бидат реалистични и да се однесуваат на мерки и процеси кои се актуелни и остварливи, особено во контекст на освоените места на партиите во парламентот.

Треба да знаете
Последни објави