Search

Акциски план за надминување на состојбата со Преспанското езеро доставен до Владата

Министерството за животна средина и просторно планирање на 25-та Седница на Владата, одржана на 1 декември, достави Анализа и Акциски план за Преспанското Езеро, која беше подготвена од Експертската работна група (ЕРГ), а во која беа вклучени актуелните и пензионирани професори, експерти, технички стручни лица од релевантните институции (хидролози, биолози, геолози) кои работеле и работат на оваа проблематика, како и претставници на Македонското еколошко друштво (МЕД) и други експерти кои работат на тематски проекти во Преспанскиот Регион.

Бидејќи Планот проектира итни, среднорочни и долгорочни мерки, со дефинирани задолжени институции и субјекти и финансиски импликации, Владата го разгледа Извештајот и ги задолжи сите институции предвидени во Акцискиот план да се произнесат, со цел итно усвојување на Планот и пристапување кон негова реализација во најкус можен рок.

Во интерес на информирање на јавноста во продолжение е изложен пресек на спроведени активности и прогрес во подготовката на планот за надминување на состојбите со намалениот водостој на Преспанското Езеро во рамки на Експертската работна група, како и прекуграничната сорботка.

1.Неформалните средби започнаа да се одржуваат на политичко, административно и експертско ниво уште од февруари 2020 година, при што беа дефинирани чекорите за адресирање на прашањето со Преспанското Езеро на национално и трилатерално ниво.

Еден од утврдените чекори на национално ниво беше формирање на Експертска работна група што ќе направи пресек на досега изготвените плански документи и спроведени мерки, како и научните анализи за изготвување на Акциски план за итни интервентни мерки со финансиска конструкција во најкус можен рок, покрај започнатите процеси со долгорочна перспектива;

2. На 1 октомври 2020г. беше воспоставена и формално Експертската работна група (од претставници од релевантните научни институти, универзитети, УХМР, НВО и институции) и одржан првиот работен состанок на кој беа формирани две подргупи за работа: Тим биолози и тим хидролози.

3. ЕРГ ги собра сите изработени и достапни документи и досега спроведени студии за целиот Преспански регион, и ја воспостави рамката за креирање на Акцискиот план врз основа на два главни документи:
– Стратешката Акциона Програма за Дрим со препорачани активности за управување од март 2020 г. (Програма усвоена од трите земји во рамките на проектот за управување со сливот на Дрим)и
– Планот за управување со сливот на Преспанското Езеро.

4. На 9 ноември 2020г. беше одржан третиот работен состанок и воедно последната заедничка средба на целата ЕРГ во полн состав при што беа извлечени клучните задачи за двата тима и закажани посебни средби за нивна фокусирана работа.

5. На 10 ноември 2020 г., Координаторот на ЕРГ, (помошник раководител на Секторот за води во МЖСПП) одржа средба на техничко ниво и со колегите од Албанија и Грција и беа побарани податоци и сознанија од нивна страна, за чија размена беше договорен следен состанок на 11.12.2020,

6. На 23 ноември 2020 г. беа презентирани првите заклучоци и Нацрт Акциски план со финансиска конструкција во рамките на ЕРГ и МЖСПП.

7. На 1 декември 2020 г. до Владата беше доставена на разгледување и усвојување Информација со анализа и акциски план за Преспанското Езеро во која се утврдени фазно сет на мерки, од брзи интервентни, до среднорочни и долгорочни активности, пропратени со предлози за финансирање (национален буџет и меѓународни фондови) со цел долготрајно надминување на состојбите со Преспанското Езеро.

Треба да знаете
Последни објави