Search

Акуведр: Сува пролет во Европа, Балканот со просечни врнежи од дожд

Пролетните месеци во Европа ќе донесат потопло време од просечното, без чести продори на студен воздух. Голем дел од подрачјата во Европа, во периодот од март до јуни ќе бидат зафатени од долготрајни периоди на суво време, но ќе има и куси периоди на нестабилност со чести бури, се посочува во денеска објавената прогноза на најпознатиот светски метеоролошки сервис Акуведр.

Повеќето циклони од Атлантикот наскоро повеќе нема да бидат главно насочени кон Велика Британија, туку нивниот коридор ќе се помести посеверно, дозволувајќи да пристигнат топли антициклони. Во текот на пролетта, Акуведр предвидува најголемо температурно отстапување на Пиринејскиот Полуостров, јужна Германија и јужна Велика Британија.

Уште во мај, делови од Шпанија и Португалија ќе имаат реални летни температури со поголем број денови со вредности над 32 степени, а одделни микролокалитети би можеле да измерат температура и од 37 Целзиусови степени. Високи температури, од над 30 степени во вториот дел од мај, би можеле да бидат регистрирани од Париз до Берлин, појасни метеорологот на Акуведр Алан Реперт.

Раното пристигнување на топлото време ќе предизвика зголемен ризик од развој на бури во втората половина од климатолошката пролет низ цела Европа. Во Франција, Белгија, Холандија и северозападна Полска ќе има најголема можност за појава на силни бури. Во исто време, ќе има зголемен ризик од суша во источна Европа.

Единствениот дел од Европа каде се очекуваат просечни врнежи од дожд или нивни суфицит е Балканот, пренесува Акуведр. Најдождлив дел од пролетта ќе биде првиот дел, особено март и април кога се очекува зголемен број медитерански циклони.

Иако локално ќе има закани од поплави, дождот ќе биде добар пред летните месеци кога ќе има зголемена можност од долготрајни суши, посочи Акуведр. Во март, на повисоките предели може да има обилни снежни врнежи, кои беа отсутни оваа зима. Пролетниот снег може да предизвика проблеми во патниот сообраќај.

Вториот дел од пролетта треба да донесе посмирено и постабилно време со повисоки температури од просечните од Италија до Романија, така што најверојатно е рано пристигнување на летото.

Треба да знаете
Последни објави