Search

Актерот и пејач Лука Чиковани – специјален гостин на „Џифони Македонија“

Со италијанскиот филм „Несовршена доба“ во режија на Улисе Лендаро, вечерва во 19.30 часот во киното „Милениум“ во Скопје, ќе биде официјално отворен 7.Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“. Фестивалот ќе им посака топло добредојде на неколкуте стотици џифонци од десет земји, кои во наредните шест дена ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе учат за интересни теми поврзани со филмот, но и ќе се забавуваат.

Специјален гостин на фестивалот ќе биде актерот и пејач Лука Чиковани кој глуми во многунаградуваниот филм „Среќен како Лазаро“ на режисерката Аличе Рорвахер. Овој филм, лани ја освои „Сребрена палма“ за најдобро сценарио на Канскиот филмски фестивал. Токму денеска по проекцијата на филм во 13 часот, тој ќе се сретне со џифонците и ќе поразговараат за филмот и за неговата кариера. Чиковани има и пејачка кариера. Најпрво започнал со кавери на познати хитови од Џастин Бибер и Шон Мендес, а денес има и негова музика.

Во наредните шест дена на повеќе локации во Скопје ќе се реализира богатата програма на фестивалот „Џифони Македонија“. Креативни работилници, мастер-класови и други едукативни активности ќе ги обединат повеќе од 600 деца и млади кои се поделени во три возрасни групи – јуниори (10 до 13), кадети (14 до 16) и сениори (17 до 19).

Главната тема на која ќе се фокусираат е заштитата на човековата средина, со посебен акцент на воздухот. Особено важни теми во повеќето филмови и активности ќе бидат и безбедноста на интернет и борбата против врсничкото насилство. Модератори на дискусиите по сите 15 филмови во натпреварувачка конкуренција ќе бидат актерите Столе Мицов кај јуниорите, Даниела Иваноска кај кадетите, а модератор на сениорите ќе им биде Марти Али, еден од најискусните и најпосветените џифонци.

Јуниорите денеска ќе имаат можност да се сретнат со Јулија Чумак, која е една од продуцентките на украинскиот филм „Бобот“. Во недела, пак, кај кадетите гости ќе бидат претставниците на филмот „Сечи“. Филмот ќе го промовираат режисерот Коста Ѓорѓевиќ, актерката Кристина Јовановиќ и директорката на фотографија Бојана Андриќ.

Интересна активност ќе имаат јуниорите во недела на пладне. Шефот Давор Панчевски ќе организира работилница со готвење „Готвиме филм“. Кај јуниорите, најмладите учесници од 10 до 14 години, ќе се поттикнува креативноста преку три работилници: театарска работилнива заедно со режисерката Теа Беговска, ликовна работилница со Моника Мотеска и работилница за модерен танц и кореографија со балетското студио „Булфрог“.

„Џифони Македонија“ е дел од големото семејство на „Џифони експериенс“ од Италија, најголемиот и најважниот културен настан во светски рамки посветен на филмот и наменет на децата и младите, кој в година ќе одбележи 50 години од своето постоење.

Оваа година, „Џифони Македонија“ ќе бидат домаќини на патувачката училница „Живот на социјалните мрежи“ (Una vita da social), која веќе седум години реализира едукативни средби со ученици, студенти, наставници и родители ширум Италија. Училницата е дел од европскиот проект „Поврзани генерации“ – Безбеден интернет центар, координиран од италијанското Министерство за образование и наука, а во изведба на експерти од Одделението за безбедност во комуникациите при италијанското Министерство за внатрешни работи.

За реализација на фестивалот помогнаа: Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Министерството за култура на РСМ, Град Скопје, Амбасадата на Италија во нашата земја.

Треба да знаете
Последни објави