Search

Актерката Сандра Мило се заклучи со катанец пред зградата на италијанската влада

Италијанската актерка Сандра Мило е родена на 11 март 1933 година во Тунис, но со децении живее во Италија. Таа ја освои наградата „Сребрена лента“ за своите улоги во филмовите на Федерико Фелини, а особено се истакна во „Џулиета и духовите“ од 1965 година.

 

Сандра Мило (87) се заклучила со катанец пред Палацо Чиги во Рим и побарала средба со италијанскиот премиер Џузепе Конте (55) за да разговара за актерите и уметниците погодени за време на пандемијата на Ковид-19.

Таа се врзала за металните бариери околу Пјаца колона, а потоа била примена на разговор во Палацо Чиги.

Премиерот Џузепе Конте, кој слушнал дека актерката протестира заради самовработените во светот на забавата, се согласил да се сретне со неа. Мило била видливо задоволна и им кажала на новинарите околу неа дека тој е прекрасен човек.

„Конте е политичар со највисок квалитет, тој е политичар од минатото, како што беше Пјетро Нени, и тој нè слуша. Ние сакаме цивилизирани луѓе како него да нè слушаат“, рече таа пред да ја примат во палатата.

Неколку дена пред разговорот со премиерот таа почнала штрајк со глад за да влијае врз владата да се фокусира на самовработените уметници и изведувачи во светот на забавата, кои се во криза поради пандемијата на коронавирусот.

По завршувањето на разговорот, таа им открила на новинарите:

„Помина добро, тој рече дека ќе стори сè за да им помогне на луѓето. Бев многу возбудена, тој беше смирен, тој е личност со големо разбирање, има прекрасна човечка страна“, рече Сандра Мило заминувајќи од Палацо Чиги.

„Тој ми рече дека денес е важен ден затоа што Европската Унија ќе донира огромни пари за вработени во разни сектори, кои се погодени од вирусот. Сигурна сум дека ќе ги одржи своите ветувања“, заклучи актерката.

Треба да знаете
Последни објави