Search

Академаската задница во Србија поднесе барање до РТС за објективно информирање

Барање за промена на уредувачката политика на Радио телевизија на Србија (РТС), што беше потпишано од повеќе од 140 члена на академската заедница, денес беше доставено до тој медиум, изјави научниот советник на Институтот за физика, Слободан Првановиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, со тој документ академската заедница бара, меѓу другото, РТС на својата прва програма, во премиерно време, да емитува нова емисија, која на „објективен начин ќе ги разгледа сите афери во Србија: од аферата Крушик за оружјето, расадникот за марихуана Јовањица, проектот Белград на вода и рушењата во Савамала, рампата во Дољевац, тетките од Канада на министерот Александар Вулин, плагијатите и фалсификуваните дипломи и докторати (Синиша Мали, Небојша Стефановиќ) и еколошката катастрофа”, па се до аферата „милионите на Драган Ѓилас и ставот на Бошко Обрадовиќ кон љотичевата идеологија, како и сите други постоечки и идни афери кои првенствено се врзуваат за партиите на власт, но и на оние на опозицијата”.

Првановиќ оцени дека РТС не го спроведува законот за информации од јавен карактер и законот за јавен сервис, како и да таа медиумска куќа ја залажува и ја дезавуира јавноста, додавајќи дека Србија не може да биде цивилизирана сè додека не се соочи со проблемот како што е цензурата.

-Овие барања не преставуваат поддршка за партиите, туку ги штитат интересите на граѓаните. Ги повикуваме сите партии да кажат дали ги поддржуваат нашите барања и доколку молчат, ќе сметаме дека не ги поддржуваат. Ги покануваме и новинарските здруженија да се изјаснат, како и новинарите на јавниот сервис, знаеме дека и меѓу нив има професионалци, кажа Првановиќ.

Тој изјави дека очекува, откако академската заедница се има вклучено, граѓаните да застанат на нивна страна.

Доцентот на Филозофскиот факултет во Белград, Оливер Тошковиќ, оцени дека медиумските слободи во Србија се лоши и потсети на Извештајот на Репортерите без граници, според кој Србија забележа пад од 14 места и покрај Црна Гора, е најлошо рангирана на Балканот, довајќи дека на јавниот сервис се прават списоци на непожелни лица кои учествувале во протестите против власта, вклучително и на актери и активисти, меѓу кои се Бранислав Лечиќ и Бранислав Трифуновиќ.

Треба да знаете
Последни објави