Search

Азески во посета на ФИТР

И во услови на мулти-криза Стопанската комора на Северна Македонија продолжува да ги иницира активностите кои водат до поттикнување на иновативноста и конкурентноста на компаниите. За таа цел претседателот Бранко Азески придружуван од в.д. оперативниот директор за развој, иновации и знаења, м-р Михајло Донев остварија средба со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, д-р Фестим Халили.

На средбата беше поздравена досегашната соработка помеѓу двете институции, за што говори успешно реализираниот проект „Зголемување на извозната конкурентност на металопреработувачкиот, електро и машинскиот сектор, преку подобрување на производните и на технолошките способности на извозно ориентираните МСП”, преку кој беа набавени 23 машини и дополнителна опрема за 4 компании во директна финансиска поддршка во форма на грант од Фондот за иновации и технолошки развој со поддршка од Светската банка, во вредност од половина милион евра.

Претседателот Азески ги презентираше заложбите на Комората и регионалните иницијативи кои се реализираат во рамки на Коморскиот инвестициски форум со кои се обезбедува техничка помош за пристап до финансии и дигитализација за компаниите од шесте земји на Западен Балкан, како и заедничкото саемско претставување на компании од регионот на најважните бизнис настани во регионот. Азески исто така посочи дека Стопанската комора во изминатите години е насочена кон реализирање на проекти кои креираат користи за компаниите и го олеснуваат нивното работење, што дополнително ја оправдува целта на Комората да биде глас на бизнис заедницата.

Директорот Халили истакна дека Фондот за иновации и технолошки развој преку своите активности нуди поддршка за компаниите преку финансирање на најдобрите и одржливи бизнис идеи и проекти. Халили додаде дека ФИТР ќе биде првата акредитирана институција кон Зелениот климатски фонд од Западен Балкан. Преку Зелениот климатски фонд ќе се обезбедуваат финансиски средства за зајакнување на ангажманот на приватниот сектор во климатската акција за реализирање на приоритетите согласно Парискиот договор, Целите за одржлив развој и остварување на обврските за клима во рамките на претпристапниот процес на Европската Унија.

Помеѓу двете страни беше договорена комуникација на дневно ниво со која компаниите навремено ќе се информираат за сите активни повизици, во насока на дополнително афирмирање на инструментите кои овозможуваат раст и развој на компаниите, истовремено двете страни покажаа подготвеност за заедничко аплицирање на проекти, земајќи го предвид искуството и капацитетот на двете институции во креирање и имплементација на проектни активности кои водат до додадена вредност за македонската економија.

Треба да знаете
Последни објави